| четврток, 6 декември 2018 |

МЗТ Скопје: повредени играчи, приведени навивачи

По мечот во Борис Трајковски дојде до инцидент меѓу навивачите и обезбедувањето кое специјалната полиција брзо го спречи, но задржа двајца навивачи на МЗТ

Тренерот на МЗТ Скопје Алеш Пипан се пожали дека не можел во текот на неделата да одржи тренинзи 5 на 5 поради многу повредени во екипата и соопшти дека тоа е главна причина за поразот од Унион Олимпија.

Во последниот дел од средбата не можевме да им парираме. Беа посвежи и знаеја како да го искористат нашиот хендикеп-рече Словенецот по 10. пораз на МЗТ Скопје во Јадранската лига.

Тој не сака да зборува за амбициите на МЗТ на шест кола до крајот иако е сосема извесно дека шансата за пласман меѓу четирите најдобри е пропуштена.

Не можеме да зборуваме ниту за амбиции со толку повредени, ниту сега можеме да купуваме играчи. Најважно е дека не сме меѓу последните во лигата, а тоа ни беше првичната цел-соопшти Пипан.

Инаку разочараноста од исходот и поразот од Унион Олимпија (87-76) кај навивачите на Аеродромци кулминираше по завршувањето на средбата кога прво, судиската тројка која премногу грешеше на сметка на МЗТ беше испратена со салва од навреди, а потоа сосема непотребно, дојде и до конфронтација меѓу најжешките и обезбедувачите. Заканата од ескалација ја елиминираа специјалните полициски сили кои реагираа веднаш, а патем задржаа и двајца навивачи на разговор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top