| четврток, 6 декември 2018 |

ФРИК Фестивал во Скопје

Петтото издание на ФРИК Фестивалот ќе се одржи од 6-ти до 8-ми ноември во Скопје. Организаторите најавуваат богата програма со бројни уметници кои самоиницијативно и ентузијастички се вклучуваат, да говорат и да споделат дел од своето парче во мозаикот, наречен град, пишува Радио МОФ.

„Парче од својот дух, материјализиран во фотографија, аудиовизуелни инсталации, музика…Посебна радост и задоволство е допринесот на децата од колективот Ветерница, чии изработени маски ќе ги откријат нашите крути и неподвижни лица. Тие лица се замрзнати во фотографијата на шармантниот Лука Донини, а рефлексијата од нашиот град низ погледот на Ема Сабо“, се вели во најавата за фестивалот.

На 6 ноември во Младинскиот културен центар во 20 часот, фестивалот ќе започне со последното остварување на Тома Димовски, звучната склуптура „Звучните играчки на Тома Димовски и неговите пријатели“.

Инсталацијата на Тома Димовски е поинаква затоа што вклучува еден удирачки инструмент т.е. ксилофон со поголеми димензии. На инструментот свират еден или повеќе музичари во сооднос со други музичари и инструменти (гитара, хармоника, перкусии и друго). Настанот е своевиден перформанс, т.н. jam session каде учество ќе земат: Јордан Костов-хармоника, Бојан Иванов-гитара и Костас Теодору-перкусии

Во Фоајето на Кино Фросина истата вечер во 21: 00 часот ќе се отвори Изложба на фотографии на Ема Сабо „Hide.Me.Somewhere.Safe“.

Проектот Hide.Me.Somewhere.Safe е започнат во 2012-та година како реакција на моменталната културно-политичка клима во Белград. Инспирирана од текстот на песната на Robert Wyatt „Free Will and Testament“, во својата работа Ема се занимава со поимите на идентитет, припадност и конечност, преиспитувајќи ја сопствената позиција на уметник во почетокот на кариерата во сооднос со современиот културно-политички тек во Србија.

Во Фоајето пред Кино Фросина на вториот спрат во 21:30 ќе се одржи концертен настап на три македонски бенда, Eclectic, Fusnota и Project 2501.

На 07 ноември во Автономниот културно социјален центар (зграда Железничарска) во 20:00 часот посетителите ќе имаат можност да ја видат инсталацијата на Лука Донини кој е прв пат во Скопје и доаѓа со идеја да пронајде во овој град место за инсталација на CORPUSTRIP. Истовремено ќе биде презентирано неговото последно видео остварување Walking 45’ и инсталација на CORPUSTRIP, како поддршка и придонес за идниот развој на ваков тип простори во Скопје, во кои ќе се негува автономна критичка мисла и уметност.

Последната вечер од фестивалот (08 ноември) е закажана детска креативна работилница за правење маски „Погледни си ја маската“, а во Камарите во Дебар Маало во 20:30 ќе се одржи концептуална забава под маски – „No Gender No Stress“.

No Gender No Stress забавите се во организација на Лука Донини. Концептот е започнат уште во далечната 1996 година во Рим, градот на фонтаните, крајот на сите патишта и прибежиште на сите папи. „Затоа понесете ја својата омилена маска, излезете од баналното секојдневние, а оние кои ќе се најдат во теснец со своето време и фантазија, можат да одберат една од маските кои ќе бидат изработени на детската работилница од колективот Ветерница“, се вели во најавата за фестивалот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top