Швајцарската тениска двојка Кјудинели и Вавринка одиграа меч за паметење во Дејвис купот против чешките противници Бердих и Росол, а четворицата актери минаат точно 7 часа и 2 минути на теренот во Женева. Гостите од Чешка кои се актуелни шампиони во купот, славеа со 6-4, 5-7, 6-4, 6-7, 24-22 во најдолгиот меч во дубл што воопшто се играл во ова натпреварување. Кјудинели беше трагичар, откако направи двојна сервис грешка во 91. гејм, што значеше победа за Бердих и Росол. Чесите ја реализираа дури 13. меч топка и водат со 2-1 во поени, пред утрешните одлучувачки дуели во сингл. Ова сепак е далеку од најдолгиот дуел во историјата на тенисот. Сите што го следат тенисот го паметат Вимблдон пред 3 сезони кога Никола Мау и Џон Иснер беа ефективно на теренот со број 18, точно 11 часа и пет минути, и тоа во период од три дена поради прекините.
Најдолг натпревар во двојки во Дејвис купот досега беше во полуфиналето во 2002 година кога Аргентинците Налбандијан и Арнолд по 6 часа и 20 минути игра ги победија Сафин и Кафељников од Русија.
Во првотот коло од купот кое е во тек, досега Србија и Франција по само два дена обезбедија пласман понатаму, бидејќи водат со недостижни 3-0 против Белгија, односно Израел. Италија против Хрватска, Казахстан со Австрија и САД против Бразил имаат предност од 2-1, а изненадување се готви во Канада каде домаќините имаат комотна предност од 2-0 против Шпанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


