| четврток, 6 декември 2018 |

Скопје не виде реприза од Љубљана, Олимпија му се реваншира на МЗТ

МЗТ Скопје загуби од Унион Олимпија со 76-87 на свој терен во салата „Борис Трајковски“ во Скопје и сега по 20 кола е со учинок од по 10 победи и порази, на 8. позиција во Јадранската лига. Скопјани посакуваа реприза од првиот дуел со тимот од Словенија кога победија во Љубљана со 64-60, но немаа сили за нов триумф.

Првото полувреме ветуваше пријатни вести и позитивен исход од мечот за нашиот шампион. МЗТ Скопје водеше и со 10 разлика (37-27), но гостите беа подобри во вториот дел и славеа со двоцифрена предност. Бубниќ беше извонреден кај Олимпија со 20 поени и процент на шут од 70 проценти, а одлично му асистираа и Блажиќ и Омиќ кои постигнаа по 16 поени.

Второто полувреме гостите го добија со 17 поени разлика, а кај МЗТ Скопје слабо одиграа бековите. Единствено Кејд Дејвис беше на потребното ниво од надворешната линија на домаќинот. Американецот даде 11 поени, додека останатите потфрлија. Вистинска штета е што не се искористи феноменалната игра на Тодор Гечевски кој даде 26 поени и на Кирил Николовски кој го заврши мечот со 17.

Шанси за нашиот шампион да се пробие меѓу најдобрите 4 екипи кои ќе играат на фајнал-форот се уште постојат, а следен предизвик е Цедевита на 17. февруари во Загреб.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top