Вицепремиерот Владимир Пешевски информира дека е одговорност да се обезбеди колку што е можно поголема енергетска независност на Република Македонија. На собраниската седница за пратенички прашања додаде дека е добро електричната енергија во државата да се произведува колку што е можно повеќе од објекти кои се наоѓаат под државата, се разбира со предуслов дека тоа економски е оправдано.
Според Пешевски, Осломеј е релевантно прашање кое ги засега сите граѓани на Македонија, а не само локалното население.
– Во случајов на Осломеј, доколку не се обезбеди продолжување на работата во рудникот кој во овој момент е во крајна фаза на експлоатација на постоечките резерви, односно доколку не се овозможи отворање ново рудно тело, а токму тоа е предмет на разговори со локалното население, Осломеј ќе се соочи со две можни сценарија. Првото, или да се најде друг извор на јаглен, дали тоа ќе биде некој од соседните држави или ќе се носи од РЕК Битола, можеби ќе се увезува од странство па ќе се прави дополнителна пруга со цел да се обезбеди снабдување со јаглен. Тоа е опцијата да продолжи со работа рудникот, но не со користење на локална руда, рече Пешевски.
Втората опција, како што рече, би значело затворање на рудникот РЕК Осломеј.
– Двете опции значат намалување на бројот на вработувања во РЕК Осломеј. Во едниот случај, целосното затворање би значело дека поголем дел од вработените ќе ги загубат работните места. Во случај кога рудата ќе се носи од друга локација, тоа ќе значи намалување на бројот на работни места во РЕК Осломеј. Во двете варијанти ефектот ќе биде зголемување на цената на електричната енергија за сите граѓани на Република Македонија, истакна Пешевски.
Тој е оптимист дека почнатите разговори, во кои се вклучени политички претставници на локалното население, ќе се интензивираат во следниот период и оти ќе се изнајде решение за да биде направена фер и разумна експропријација на земјиштето каде може да се отворат овие рудници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.