| четврток, 6 декември 2018 |

Српскиот премиер имал контакти со блиски соработници на нарко босот Дарко Шариќ?

Белградскиот таблоид Информер пишува дека управата на криминалистичката полиција на Србија во 2008 година го следела сегашниот премиер Ивица Дачиќ, тогаш прв човек на полицијата, поради средби со блиски луѓе на нарко босот Дарко Шариќ. Дачиќ бил снимен во два наврата за време на средби со Родољуб Радуловиќ.

Информациите се појавија во јавност откако претходно беше објавена шпекулација дека некогашниот шеф на кабинет на Дачиќ, Бранко Лазаревиќ исто така бил во контакт со блиски соработници на Шариќ и дека наводно тој ги известил дека се под надзор на полицијата.

Таблоидот тврди дека за овие контакти на Дачиќ со Радуловиќ постојат конкретни докази кои се проследени до обвинителството и службите за безбедност. Информер тврди дека Дачиќ не сакал да ги коментира информациите на таблоидот и дека неговите најблиски соработници им изјавиле дека тој во 2008 година не знаел дека Радуловиќ е осомничен мафијаш.

Во исто време, Б92 објави информација дека добила потврда од службите за безбедност дека Дачиќ имал средба со некој припадник на нарко кланот на Шариќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top