| четврток, 6 декември 2018 |

Ховит постави три забелешки покрај името за датум во декември

Hovit-i-OravСпроведување на заклучоците од Анкетната комисија, напредок во разговорите за добрососедство со Бугарија и видлив напредок во обезбедување на слободата на изразувањето се трите работи кои Ричард Ховит, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, ги посочи како предуслови кои можат да ги убедат-земјите членки на Европскиот совет во декември да дадат датум за преговори за членство на земјава.

Ховит очекува дека владата ќе работи на исполнување на трите забелешки, додавајќи дека повеќе земји треба да бидат убедени дека Македонија доволно ги исполнува Копенхашките критериуми за старт на преговорите.

-Не се фокусирав на прашањето за името, но го повторив моето охрабрување и барање да се постигне фер компромис меѓу двете страни. Демократските прашања се многу важни за обезбедување на позитивна одлука наскоро или во било кое време. Но, аргументот во Извештајот на Европската комисија, но и оној кој јас ќе го подвлечам и во мојот извештај во Европскиот парламент, е отворање на преговорите со скриниг на поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на владеењето на правото и демократските процеси. Тоа ќе обезбеди повеќе контрола, дијалог, преговори, по прашањата кои не загрижуваат, и не се двоумам да кажам тоа во Брисел и тука дека ќе го поставам тој аргумент пред членките на ЕУ и верувам дека тој аргумент ќе даде успех- доава Ховит.

Ховит во објаснвањето на трите барањата, побара политички консензус за спроведување на заклучоците од Анкетната комисија, како и взаемно почитување и дијалог и од власта и од опозицијата. За односите со Бугарија тој изрази надеж дека ќе се постигне договор за отворените прашања меѓу двете земји. Во однос на слободата на изразувањето смета дека охрабрува обновување на дијалогот меѓу Владата и новинарите, но и дека носењето на законот за медиуми без широка поддршка од новинарите може да биде опасно. Ховит во контекст на слободата на изразувањето го спомена и случајот на Томислав Кежаровски, за кој смета дека може да создаде страв кај новинарите и самоцензура.

Ховит притоа повтори дека постои загриженоста кај некои земји-членки на ЕУ дека Македонија не ги исполнува доволно критериумите за отпочнување на преговорите.

-Но, истовремено мојот став е дека Копехшаките критериуми се доволно исполнети, истовремено тоа е став и на Европската комисија. Тоа не значи дека ние немаме сериозни забелешки, критики и загриженост за многу апсекти. Но дали се критериумите доволно исполнети за да почнат преговорите, според мене се-  рече Ховит.

Ховит кон крајот на ноември ќе ја достави предлог- резолуција за Македонија до Европскиот Парламент, со што смета дека ќе влијае врз Европскиот совет, тој во декември да донесе позитивна одлука за старт на претовори со Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top