| четврток, 6 декември 2018 |

Акциски план за вработување на млади од 15 до 29 години до 2015

1 000 млади со средно или високо образование според планот ќе бидат вклучени три месеци во програмите за практиканство, 500 ќе бидат обучени за почнување сопствен бизнис, ќе се тестираат сите полуматуранти од март до мај за нивно кариерно насочување, како и пилот-тестирање во неколку средни училишта. Планот предвидува до 2015 да се зголеми за 20 отсто бројот на неформално самовработени млади

Ова е дел опфатот на Акцискиот план за вработување на младите до 2015 година чија целна група се оние од 15 до 29 години. Промовиран од министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски соопшти дека стратешки цели на Акцискиот план се подобрување на ефикасноста на институциите на пазарот на трудот и поттикнување на вработеноста на младите преку развој на приватниот сектор.

– Имплементацијата на Акцискиот план е во тек. Во 2012 од вкупниот  број 7.590 опфатени лица од различните активни програми за вработување, 20 проценти или 1.486 се млади лица . Овој процент во иднина треба да биде уште поголем, што е и цел на нашите заложби, рече Ристовски.

Акцискиот план ќе се спроведува во соработка со Министерството за образование и наука. Министерот Панче Кралев на прес-конференцијата истакна дека за да се подобрат условите за вработување на младите  се адаптираат наставните планови и квотите кон потребите на стопанството.

– МОН работи и на формирање центри за кариера во средните училишта и на сите факултети на државните универзитети. Во средните училишта центрите ќе вршат професионално насочување на ученикот кон област на студии соодветна на неговите афинитети, додека центрите за кариера на на универзитетите претставуваат врска меѓу студентите и корпоративниот бизнис-сектор, рече Кралев.

Потсети и на преземените реформи во средното стручно образование –  зголемениот број часови за практична настава и креирање профили според потребите на пазарот на трудот, воведениот задолжителен предмет претприемаштво  во средно, зголемувањето на квотите за студенти на техничките факултети и тестовите за професионална ориентација што ќе се применуваат од оваа година.

Акцискиот план ќе се спроведува три години, со 27 милиони евра обзбедени најголем дел од буџетот но и од ИПА-фондовите на ЕУ.

Според  евиденцијата на Агенцијата за вработување,  во јануари 2013  без работа се  регистрирани 58.147 лица на возраст од 15 до 29 години. Најголем дел од нив се од 25 до 29 години, најмногу се во Скопје и во други поголеми градови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top