Скопјанката Мирјана Џамбазова позната во јавноста по прекарот Генерал Мими е осудена на 4 години затвор, јави известувачот на Канал5.
Судот ја прогласил виновна за измама на 5 мина граѓани кои на почетокот на годинава ги довела во заблуда лажно претставувајќи се како координатор за логистика во воената база „Бондстил“ во Косово и им земала од 100 до 2 ипол илјади евра за различни услуги.
Според обвинителниот акт на сопствениците на фирми им ветувала дека ќе им среди да добијат тендери во НАТО, обичните граѓани ги мамела со работни места и привлечни плати во Алијансата. Судењето заврши во неколку рочишта а Џамбазова ја призна вината пред судот. Потврди дека луѓето ги довела во заблуда но тоа го оправда со здравствените проблеми и лекувањето на Клиниката за психијатрија од пред 5 години.
Оштетените пак раскажуваа за слаткоречивоста и уверливоста на обвинетата. На дел од измамените им ветувала дека ќе ги вработи во Бондстил како возачи, месари, вработени во кујна и логистика. Според исказот на еден од сведоците Џамбазова им ветувала 800 евра плата за 4-часовно работно време во 4 дена од неделата.
МВР ја приведе во јули и првично на товар и се ставаа десетина оштетени, но според она што можеше да се слушне за време на судењето таа во меѓувреме на дел од нив им ги вратила парите. Судот одлучил Џамбазова да остане во притвор до правосилност на пресудата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.