„Да се спаси нашето наследство за идните генерации“ е мото на годинашното одбележување на Светскиот ден на аудиовизуелно наследство – 27 Октомври. Генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова во својата порака нагласува дека тоа треба да им се остави на генерациите за да може да го разберат своето потекло и историја.
– Светското аудиовизуелно наследство на тонски записи и подвижни слики е исклучително ранливо, што се должи на повеќе фактори: занемарување, природно пропаѓање, техничко-технолошка застареност, па дури и негово тенденциозно уништување. Севкупното светско аудиовизуелно наследство е во опасност. Затоа, Светскиот ден на аудиовизуелно наследство, како и програмата „Меморија на светот“, за УНЕСКО се две клучни активности со кои им се искажува чест на професионалците кои помагаат да се зачува ова наследство за идните генерации, наспроти многуте технички, политички, општествени, финансиски и други фактори кои му се закануваат, пишува Бокова во пораката за овој ден.
Целта на овој ден е да се подигне јавната свест за важноста на заштитата на овој вид записи. Тоа, посочува Бокова, помогна да се подигне профилот на овие прашања и да се фокусира глобалното внимание на ранливоста на ова наследство.
– УНЕСКО ги охрабрува сите и насекаде да се придружат кон прославата на 27 октомври, со отворање и презентирање на нивните вредни колекции, со што сегашните и идните генерации ќе може да уживаат во овие богатства, кои се наше заедничко наследство, истакнува генералниот директор на УНЕСКО.
Кинотеката на Македонија ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство вечер со ексклузивна проекција на реставрираните филмови на браќата Манаки, кои се дигитализирани и собрани во ДВД-изадание. Заштитен е целокупниот опус на првите сниматели на Балканот, кој опфаќа 42 филма. Беа реставрирани во 2012-2013 во филмска лабораторија во Будимпешта.
ДВД-то беше промовирано минатиот месец, на 34. Интернационален фестивал на филмска камера во Битола, а во петокот беше презентирано и во Кинотеката. Прикажувањето на филмовите вечер ќе биде придружено со музика која во живо ќе ја изведат Благој и Бојан Маротови, авторите на музиката за ДВД-то.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.