| четврток, 6 декември 2018 |

Твитер нападнат од хакери

Околу 250.000 профили на социјалната мрежа „Твитер“ биле објект на хакерски напад, сличен на нападите извршени врз американски медиуми и компании.

– Хакерите успеале да се здобијат со имињата, и-мејл адресите и лозинките, како и со други податоци на околу 250.000 корисници на мрежата – изјави директорот за безбедност на „Твитер“ Боб Лорд, за кого нападот не бил воопшто аматерски.

– Кибер напаѓачите беа многу добро подготвени и употребија најсовремени техники и ние сметаме дека и други компании и институции беа нападнати на истиот начин – додаде  Лорд.

Тој појасни дека неговите експерти за безбедноста влегле во трагот на нападот на хакерите, кога тој се извршувал  и успеале набрзо да го прекинат. Компанијата ги блокирала и лозинките и профилите, за кои се смета дека биле мета на нападот, и ги замолила тие корисници да создадат друга лозинка.

Претставник на Твитер предупреди да не се користи софтверот „Јава“, затоа што е ранлив на хакерски напади. Вакво предупредување пред извесно време упати и американското Министерство за национална безбедност.

Во последно време објект на хакерски напади беа весниците „Њујорк тајмс“ и „Волстрит џурнал“. Медиумите ја посочија како главен виновник на кибер нападите кинеската Влада.

Веста за новиот хакерски напад врз американска социјална мрежа или компанија доаѓа во момент кога шефот на „Гугл“ Ерик Шмит истакна дека САД се во позиција на послабиот во однос на Кина, кога станува збор за кибер напади.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top