| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието одобри изградба на два нови автопатишта

sobranieto

Со 66 гласа „за“, еден „против“ и ниту еден „воздржан“ републичкото Собрание вчеавечер во рамки на 74. седница го изгласа Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

Изградбата на новите автопати на овие делници, според Владата, треба да се реализира со поволен кредит преку кинеската Ексим банка, со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени.

Првиот автопат што ќе се гради на релацијата Скопје-Свети Николе-Штип ќе чини 206 милиони евра,а автопатот Кичево-Охрид 374 милиони евра. Во договорт има и одредба со која се предвидени десет проценти за дополнителни непредвидени работи.

Опозицијата приговараше дека станува збор за екстремно високи суми, кои не одговараат на цените што се плаќани во соседните држави.

Автопатот Скопје-Штип ќе биде во должина од 53 километри со широчина од 29 метри, односно ќе има по две коловозни ленти од двете страни и една дополнителна лента за застанување. Рокот за изградба на таа автопатска делница е три години. Автопатот Кичево-Охрид, пак, во должина од 56,7 километри, ширина од 27,5 метри, треба да биде изграден за 45 месеци.

Проектот ќе биде финансиран десет проценти со пари од македонската Влада, 90 проценти преку кредит од страна на кинеската Ексим банка.

Главниот изведувач на градежните работи ќе биде должен да ангажира подизведувачи од Македонија за најмалку 49 проценти од предвидените работи, а исто така и да набави најмалку 49 проценти градежни материјали од Македонија. Изведувачот и подизведувачот во тек на изградбата треба да ангажираат минимум 51 процент македонски државјани.

Пратениците од опозициската СДСМ во текот на расправата се изјаснија дека ќе гласаат за законот и оти генерално даваат поддршка за изградбата на патиштата, но ги критикуваа цените за изградба на километар автопат и според нив, поволностите дадени за компаниите кои ќе ги градат. Обвинија за можности за корупција во целиот проект, и оти Владата неколкупати нелогично го зголемила износот на инвестицијата за автопатиштата. Во краток период, тврдат, имало нелогично зголемување на цените за изградбата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top