Досега било несвојствено за луѓето чијашто работа е поврзана со шпионажа и со разузнавање да се појавуваат во јавноста и да држат говори, но очигледно дека трендовите во светот се менуваат, а за тоа голема заслуга има скандалот со објавените досиеја на ЦИА од поранешниот нејзин вработен Едвард Сноуден.
Кога „протекоа“ информациите во јуни годинава беше очекувано тоа да предизвика штета врз тајните служби, вклучувајќи ја и британската (ГКХК), затоа што во многуте објавени документи се откриени тактики за набљудување на разузнавачките агенции, но и инструкции за тоа „како да се избегне следење“. Според британските власти, токму откривањето на овие тајни предизвикало огромна штета на безбедносните служби затоа што со тоа им била дадена предност на терористите, кои сега „можат да ги избегнат пречките и силно да нападнат“.
Кој е „лошиот“ во ситуацијата, Сноуден или шпионските служби? Смеат ли разузнавачите при борбата против тероризмот да ја нарушуваат приватноста на граѓаните и да ги користат нивните лични информации, вклучувајќи ја и нивната е-пошта? По овие прашања во британската јавност веќе извесно време се води голема дебата во која едни го бранат „правото на приватност на граѓаните“, а други „правото на безбедност на граѓаните“ и неопходноста од неконвенционални методи, кои ќе спречат многу терористички напади и невини жртви. Во секој случај, колку и да се спротивставени нивните размислувања, сите се согласуваат дека за ова прашање е неопходна дебата. Портпаролот на Даунинг стрит 10 за „Гардијан“ изјави „голем број луѓе, од претседателот Обама, па сѐ до директорот на националната разузнавачка служба на САД, Џејмс Клапер, увидоа дека објавените информации од Сноуден отворија дебата, која е задоцнета, но потребна“. Додека јавноста дебатира, британскиот парламент треба да донесе одлука со колкава моќ ќе располагаат МИ5, МИ6 и ГКХК во борбата против тероризмот, односно што ќе биде легитимно, а што ќе се смета за нарушување на приватноста на граѓаните.
МИ5 се плаши од британските приврзаници на џихад
Првиот човек на МИ5, во своето јавно обраќање призна дека Британија од 2000 година наваму се соочува со сериозни обиди за големи терористички акти. Според него, оваа практика нема да се промени во блиска иднина, а како главни причини ги наведе зголемениот број британски државјани што се борат во граѓанската војна во Сирија.
– Најзагрижувачки се тие индивидуалци од Велика Британија што заминале во света војна во Сирија, или планираат да го направат тоа. Ал Нусра и другите екстремистички групи, кои се сојузници на Ал Каеда, планираат напади врз западните земји – открива Паркер.
Неофицијално, се претпоставува дека во Сирија војуваат неколку стотини Британци, а стравот е дека многумина од нив може да се вратат дома како „темпирани бомби“, уште порадикални од кога заминале. Првиот човек на МИ5 се согласува со својот претходник Џонатан Еванс, кој тврдеше дека има неколку илјади домашни екстремисти што ги гледаат Британците како легитимни цели.
Шефот на МИ5, правдајќи ја потребата од мерките што ги користат шпионските служби, тврди дека разузнавачите не шпионираат обични граѓани.
– Кај некои луѓе постои нејасна претстава дека ги следиме сите луѓе, како и сите нивни комуникации, навлегувајќи во нивната приватност и живот за да дознаеме што било што изгледа интересно. Се разбира, тоа е бесмислено – вели тој.
Сноуден: Програмите за следење ги прават луѓето понесигурни
Едвард Сноуден стана еден од најбараните луѓе во светот во јуни годинава, кога откри строго доверливи документи од американската безбедносна агенција НСА, која соработува со ЦИА. Благодарение на него, светот дозна како НСА ја нарушувала приватноста на милиони граѓани навлегувајќи во компјутерските системи на „Епл“, „Фејсбук“, „Гугл“, „Мајкрософт“, „Скајп“ и на „Јутјуб“ користејќи тајна програма за следење, наречена „Призма“. Британски „Гардијан“, објавувајќи информации од документите на Сноуден, пишуваше дека американската НСА ја снабдувала со информации британската ГКХК обвинувајќи ја британската тајна служба дека за само една година, без судска дозвола, комплетирала 197 досиеја од овој систем. Во овие документи Сноуден открива како британската тајна служба успевала да стигне до голем број лични информации, вклучувајќи посети на веб-страници, испратени и примени е-пораки, текстуални пораки, телефонски повици и лозинки користејќи ја програмата наречена „Темпора“.
Додека властите во Британија се обидуваат да ги оправдаат своите мерки, Сноуден обвинува дека програмите за следењето што ги користат разузнавачките агенции за следење на телефоните и на интернетот низ светот ги прават луѓето понесигурни, односно ги става граѓаните во ризик да влезат во конфликт со сопствената влада. Поранешниот човек на ЦИА, кој се соочува со обвинение за шпионажа во САД, ги опишува техниките за следење како „мрежа за масовно следење, која ја става целата популација под надзор со кој се гледа сѐ, дури и кога не е потребно“.
– Ни ја повредуваат економијата, ни ја повредуваат земјата. Ни ја ограничуваат слободата да зборуваме, да размислуваме, да живееме, да бидеме креативни, да имаме релации и да се чувствуваме слободно. Владата на САД нема волја да ги гони политичарите што лажат во Конгресот и пред камери, но ништо нема да ги сопре да осудат некој што им ја кажал вистината – вели Сноуден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.