| четврток, 6 декември 2018 |

Сакам да снимам песна со Леми од „Моторхед“ и Еди од „ТБ Трачери“

Почитувачите на делата на Сеад Хаџиќ - Сецко, нестрпливо го очекуваат 8 февруари, денот кога во скопско МКЦ ќе го промовира најновиот албум на „Мугер Фугер“, неговиот последен музички проект. Чест ни е да поразговараме со него по тој повод

Некогаш беше забележителен по чудните акорди со расчеречени прсти, поставени врз гитара копија на „Гибсон СГ“, кои беа причина повеќе да се следи секој следен настап на „Ласт Експедишн“ и нестрпливо да се исчекуваат новите демо-снимки на групата, до кои во тоа време, втората половина на осумдесеттите, ретко се доаѓаше. Подоцна стана препознатлив како еден од македонските гитаристи инспирирани од новиот американски рок, т.н. алтернатива, откако во меѓувреме убаво се набилда со иксуство проучувајќи ги U2, „Смитс“, „Кјур“, „Калт“.. Се случи подемот и зенитот на „Ласт експедишн“, ширењето на хоризонтот на соработници, изместувањето на седиштето на бендот од Ѓорче Петров во Ново Лисиче. Набргу потоа, дојде еден „блесав“ — во убавата смисла на зборот — проект, кој најде инспирација во мозаикот од култури со кои некогаш се среќавал/вме низ Скопје — „Ексик“. Денес го доживуваме како „фрик“ — во позитивната смисла на зборот — како страствен колекционер на старински електрични и полуакустични гитари, засилувачи и педали, како можеби единствениот македонски гитарист кој се определил да свири исклучиво со експериментални, нестандардни штимови, како човек-институција на македонскиот рокенрол, чие време допрва доаѓа, иако зад него се веќе триесетина години успешно, плодно музицирање. Почитувачите на неговите дела, нестрпливо го очекуваат 8 февруари, денот кога во скопско МКЦ ќе го промовира најновиот албум на неговиот последен проект „Мугер Фугер“. Чест ни е да поразговараме со него по тој повод.

Secko - Mooger Fooger - 2

Зад тебе се речиси 30 години музицирање на македонската рокенрол сцена. Како би го опишал тој пат и кои се важните точки врз кои би ги поставил контурите на патот што го изоде од тогаш до денес?

Долг, тесен и трнлив е патот кој го минував сиве овие години, но никогаш здодевен, а тоа, воедно, беше и најкусиот пат да се пронајдам себеси. Сè се сведува на химната на нашето време, „I can’t escape myself“. Моја среќа е што многу бргу сфатив дека рокенролот е патеката која треба да ја изодам до крај и, минувајќи, да раскажам уште многу, многу приказни за себе. Се надевам дека ќе биде така и понатаму. Здравје !

За мене беше многу важна мојата прва електрична гитара, копија на „Гибсон СГ“, која Енко (Енис Хаџиќ, брат му, фронтменот на „Ласт Ескпедишн“, н.з.), од некаде ја „ископа“ и веднаш срасна и стана неодвоив дел од мене, поради која секогаш кога морав да се одвојам од неа, макар на неколку часови, тешко ми паѓаше, Таа беше мојата убава и искрена љубовница, која ги знаеше сите мои тајни, и беше голем поттик за Идриз (Идриз Амети, денес фронтмен на „Бла Бла Бла“), Енко и Зоран „Џук“ да ги набават првите инструменти со кои поминувавме многу часови свирејќи во гаражата на улица „4 Јули“. Тука настанаа првите песни на „Ласт Експедишн“ — „Кабала“, „Далеку си“, „Песна за песот“, „Трчај“.. — кои беа потик за сите наши наредни патешесвтија кои ги поминавме со нашата „експедиција“. Киното во Ѓорче Петров е просторот кој има многу доживувања од тоа време. Почнаа да се редат и настапите во секоја поголема или помала сала или секаде и на секое место кадешто имаше можности да ги пренесеме нашата приказна и нашите мечтаења кои сме ги имале — од таму, од кадешто започна сè.

Mooger Fooger - La Kana

Ла Кања“ е само надоврзување на начинот на работење којшто го постави уште со првиот албум на „Мугер Фугер“. Зад тебе и зад дружините со кои ги создававте шестте изданија до денес. За разлика од „Ласт Експедишн“, бенд кој беше поставен врз прилично тесен круг на креативци, „Мугер“ се доживува како бенд-движење, харизма којашто успева да ги стави на иста сцена комбинациите од креативци по какви што копнееле фановите на макеоднскиот рокенрол. Какво е тоа искуство? Од каде таквата определба?

„Ласт Ескпедишн“ беше нешто повеќе од бенд. Тоа за нас беше и фамилија. Ние бевме деца од истата улица во Ѓорче Петров, „4 Јули“, а подоцна ни се приклучи и Огнен (Огнен Мангаровски – Оки, н.з.) од сосема другиот крај на градот, Ново Лисиче. Живеевме еден за друг и живеевме за музиката која ја создававме. Бргу по расформирањето на „Ласт Експедишн“ сфатив дека изгубив многу. Сфатив дека изгубив нешто што е повеќе од бенд. Тоа беше мрачен период за мене. Насекаде околу мене беа моите „воксови“, „маршали“, „оранжи“, „фендери“.. моите медалјони од многуте „битки“ во кои сум учествувал. Решив да не застанам тука, да не останам заробен во минатото, да тргнам во нови битки. На овој пат со мене остана само Оки, но на таа наша мала армија подоцна и’ се приклучија и многу други. Таа моќна армија која ја создадовме со Оки се вика „Мугер Фугер“ и се надевам дека допрва ќе имаме уште многу добиени битки со неа. Првата постава беа Оки, Антонио Дојчиновски – Дојчин, Тони Мичевиќ и Соња и Петрит Сарачини – Мра како вокали. На секој нареден албум имаше различна борбена гарда –Виктор, Мио, Еди, Дарко Тасевски, Надежда Петровска, Шикси.. Среќен сум што ни се приклучија и соборци како Игор Стојановски, Сашко Костов, Џоле Максимовски, Дино Милосављевиќ, Соња Димитриоска, како и сите оние кои помогнале да го создадеме ова што го имаме сега. Искуството е богатсво од дружби, креации, нерви. Спонтаноста и љубовта кон музиката се единстениот мотив да се води битката понатаму.

Mooger Fooger - foto Dimitar Apostolov (7)

Горан Трајкоски (Падот на Византија, Мизар, Анастасија), еден од гостите на албумите на Мугер Фугер

За 8 февруари најавивте амбициозна програма.. „Мугер Фугер“, ред респектирани креативци кои учествуваа во создавањето на албумот, „Ласт Експедишн“, „Ексик“.. Какво изненадување и’ токмите на публиката и каква програма би можеле да очекуваме?

Ќе настапат младите и перспективни „The Black & Vice Social Club“, по нив — добро познатите „Ексик“ и „Ласт Експедишн“, за на крај да настапат „Мугер Фугер“, со неколкучасовен концерт, кој ќе биде промоција на новиот албум „Ла Кања“, но ќе ги отсвириме и сите познаşајни песни од предходните албуми. Заеднички настап со нас ќе имаат и Горан Трајкоски — „Падот на Византија“, „Мизар“, „Анастасија“, ,Драган Гиновски – Гино — „Архангел“, Зоран Тортевски — „Мизар“, „Хармосини“, мултиталентираните инструменталисти Сашко Костов и Ади Имери, виртуозот Мухамед Ибрахими, Васко Бојаџиски — „Sethstat, Андреј Анастасов – Еди — „ТБ Трачери“, поетот Џабир Дерала.. ќе оставиме и ненајавени моменти, неколку изненадувања.

Mooger Fooger - foto Dimitar Apostolov

Џоле Максимовски (бас) и Игор Стојановски (гитара), дел од стандардната постава на бендот

Ако погледнеме наназад низ продукцијата на „Мугер Фугер“, ќе наброиме плејада од вешти и респектирани музичари со кои соработуваш. Има ли некои што се неостварена желба, следно изненадување?

Веќе од сега имаме договорено неколку нови соработки за следниот проект на „Мугер Фугер“, а некои музичари ќе ни се приклучат откако ќе почнеме со создавање на новиот материјал. Некогаш самите песни одредуваат кој треба да се најде во нив. Следното што многу го посакувам е на една трака од „Мугер Фугер“ да гостуваат Леми од „Моторхед“ и Андреј Анастасов – Еди. За нив чувам стара сливова препеченица и огромен стар „маршал“ со двојна звучна кутија.

Со претходниот албум, „4 јули“ и’ се заблагодари на улицата каде што почна се’, во гаражата во твојот некогашен и иден дом во Ѓорче Петров. На актуелниот, се појави песна со „неверојатен“, сосем небичен наслов, „Ново Лисиче“, случајно или не, името на населбата каде што помина едно друго поглавје од животот. Дали со нив на некој начин им заблагодаруваш на корените?

На некој начин се чувствувам должен да им се заблагодарам на сите тие места, затоа што многу мои лични доживувања, и искуствата кои ги имам проживеано таму, ме инспирирале да создадам многу музика. Тоа е моја обврска, начин на искажување благодарност до сето тоа што на свој начин ме инспирирало или поттикувнало.

Ласт Експедишн, бендот со кој почна се'

Ласт Експедишн, бендот со кој почна се’

Препознатлив си по твојата колекција на старински, ретки електрични гитари, засилувачи, педали. Кои се твоите најнови „љубовници“? Кои се вечна инспирација?

Сега најмногу им се радувам на неколкуте стари полуакустични гитари , на 16-каналниот снимач-ленташ „фостекс“, на играчката „ Dynacord Advanced Digital Drum“ и уште неколку инструменти кои можат да ни дадат поинаква насока во нашите истражувања и експерименти.

Накај каде ќе се движи „Мугер Фугер“ со следниот албум? Кога да го очекуваме?

Новиот албум би требало да се случи пред самиот крај на оваа година. Ќе содржи многу повеќе оркестрации и ќе даде многу повеке простор да „дишат“ инструментите меѓу себе, за да го постигнеме тоа ќе го снимаме на двојно поширока магнетна лента. Овојпат ќе истрчаме да се поиграме на една голема, сончева полјанка и ќе уживаме во нашата „Моогер Фоогер“ пролет.

 

Разговараше: Васко Марковски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top