| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија го одбележува Денот на револуционерната борба

Република Македонија денеска го одбележува 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Во новиот објект на Македонскиот народен театар вечер ќе биде одржана свечена академија на која ќе се обрати претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски.

Во Собранието на Република Македонија ќе биде врачена државната награда „23 Октомври“ за 2013 година во областа на културата и на уметноста.

Добитници на наградата оваа година се оперската певица Ана Дурловски, писателите Џабир Ахмети и Михаил Ренџов и ликовниот уметник  Ставре Димитров-Стадим. Наградата „23 Октомври” е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историско наследство на Република Македонија.

Во фоајето на Музејот на македонската борба ќе биде изложена нова копија на црешовото топче, за крај на шестдневното чествување 120 години од македонската револуционерна борба, кое од 18 октомври го организира Музејот.

Шестдневната културна програма за одбележување на јубилејот од македонската револуционерна борба ќе заврши со  изложба на филателистичко-картофилската збирка на Бранислав Светозаревиќ,  на која се претставени пригодни коверти и разгледници, поштенски марки и жигови, кои тој ги собирал триесетина години.

На 23 октомври, 1893 година во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев беше формиран Македонскиот револуционерен комитет од кој подоцна произлезе Внатрешно-македонската револуцонерна организација (ВМРО) или Внатрешно- македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО). Организацијата се бореше за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор.

Формирањето на ВМРО значеше почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, преку НОВ резултира со создавање модерна самостојна македонска држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top