Никој не знае зошто додека вежбаме зеваме, а особено зошто некои луѓе зеваат во текот на целото вежбање. Научниците дошле до заклучок дека зевањето е реакција на телото на наглите промени. Зеваме кога се будиме, кога сме уморни, кога ни е здодевно и – кога вежбаме.
Во почетокот на вежбањето телото сѐ уште се прилагодува на дополнителниот напор, на промените во дишењето и на забрзаниот проток на крвта во организмот. Можно е зевањето да е знак за загревање на телото.
Ненадејното прднување во текот на вежбањето може да биде крајно непријатно, особено ако вежбаме во теретана. Но, ете, и тоа може да се случи, а стручњаците тврдат дека тоа е сосема нормално. Најчесто се случува при изведување вежби кои ги активираат стомачните мускули.
Сепак, има лек и за тоа. За да се заштитите од овој смрдлив срам, внимавајте на исхраната во деновите кога вежбате. Избегнувајте да јадете храна која дуе, на пример брокула, грав, житарки.
Уште една непријатна, но сосема нормална работа – додека вежбате, можно е да се размрсулавите, а еве зошто мрсулавењето е нормално. Додека вежбаме, се стимулира нервниот систем кој го контролира чистењето на секретите од жлездите, па оттука и на носните жлезди. Доколку вежбате или трчате на отворено, можно е да се работи само за реакција на ниска температура.
Доколку ви паѓа мрак на очи кога ќе помислите на вежбање, сетете се дека многу жени доживуваат оргазам додека вежбаат. Можеби тоа сознание полетно ќе ве однесе во теретана или ќе ве качи на орбитрекот што го користите како закачалка. Оргазмот се случува кога се изведуваат стомачни вежби, вежби за задник или вежби за карлица. Најчесто се доживува по породување. Секоја физичка активност предизвикува лачење на ендорфин, хормонот на убавото расположение, и го зголемува протокот на крвта, а во текот на вежбите за стомак и задник, се контрахираат истите мускули како и кога се постигнува оргазам.
До потпукнување во ушите доаѓа, бидејќи телото се обидува да задржи еднаков притисок меѓу надворешниот воздух и воздухот во средното уво. Кога ќе дојде до нагла промена на притисокот, телото се прилагодува на новата ситуација, така што го истиснува воздухот низ Евстахиевата туба, делот од увото што ги спојува средното уво и горниот дел од носот, односно грлото. Може да ви се случи додека кревате тегови, кога трчате или кога скокате и тоа во моментот кога ги спуштате стапалата на земја.
Ако некој ви каже дека е алергичен на вежбање, не смејте му се и не помислувајте веднаш дека е мрзелив. И алергијата не мора да биде метафорична, туку може да биде и буквална. Ретко, но може да се случи при вежбање да се јават осип и црвенило. Проблемот се јавува поради неусогласеност на храната и вежбањето, не поради вежбањето.
Болка во градите може да се јави по трчање и правење склекови. Сепак, место за паника нема, бидејќи станува збор за содржина од желудникот којашто во текот на вежбањето е избуткана нагоре. За да не се најдете во ваква непријатна ситуација, јадете најмалку два часа пред вежбање. Но, внимавајте, ако ова ви се случи и покрај тоа што се придржувате на горенаведениот совет, одете на лекар.
Грчеви можат да се појават поради претесни обувки или поради дехидрирање, а тоа не е невообичаено. Додека вежбаме, повеќе се потиме, а тоа предизвикува пореметување на концентрацијата на минералите во организмот. Овој проблем може многу лесно да се реши – со една банана. Бананата е рудник на калиум, она што му недостасува на организмот.
Од вежбање може и глава да ве заболи. И ова сфатено буквално како и алергијата. Научно има поткрепа во фактот дека при вежбање се шират крвните садови. Оваа главоболка може да трае и до два дена, но тоа нека не ви биде причина да се откажете од вежбањето. Секогаш имајте шише вода со вас и загревајте се пред да почнете да вежбате и главоболката ќе исчезне.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



