Стана практика во држава во која се почитуваа религиските вредности, да се кршат верските права на дел од работниците, под притисок за зачувување на работното место. Всушност, и синдикалните организации велат дека овие празници, во кои не е строго дефинирано дали се работни или не, односно кои спаѓаат во сферата на почитувањата на религиските убедувања, а не се државни празници, се најчеста и најлесна цел за злоупотреба од работодавачите.
Точно е дека законското решение предвидува можност да се наложи работа и во празничен ден, со уредно пријавување до Министерството за труд и за социјална •политика, со забелешка дека работниот процес налага непречена работа, или природата на работата го бара тоа. Ваквиот либерален законски приод со одредба што остава простор за широко толкување им дозволува на работодавците да наложат работење на овие празници – вели Злате Стојановски од Државниот инспекторат за труд.
– Законот, всушност, не предвидува казни ако се работи на празник, но е предвидено на работниците да им се исплати празнична награда. Со наложувањето за редовна и точна евиденција за присуството на работниците во фирмите, потоа се испитува дали е исплатена законска празнична дневница. Исто така, со законските измени отворена е можност работодавците да мора да пријават работа за празник затоа што е отворена и електронска пошта, што, пак, ни олеснува нам, на инспекциите, да имаме претходен увид кој работел на празници.
Доколку работодавецот наложи работа на кој било празник, тогаш на работниците треба да им исплати дополнителни 150 проценти празнична дневница на целата редовна плата. Но, за волја на вистината, и тука се прават малверзации. Дури и некои од тие што работеле на празник по налог на сопствениците, не го добиле празничниот бонус. Такви случаи најмногу има во малите фирми, претежно од малопродажната дејност.
•Газдите ги злоупотребуваат законите
Сопствениците ја користат дефиницијата „природа на работата“ велејќи дека сметаат дека за време на празници ќе заработат многу повеќе од вообичаеното. Но, тоа што е интересно е што дури и во синџири на такви малопродажни компании, во пресметката на платата дополнително стои ставка „празнична работа“, но сумата ја нема во вкупната пресметка на платата.
Но, тука не станува збор само за дневницата. Да бидеме искрени, најголемиот процент на работници за празник се жени. А, традиционалното општество, какво што е македонското, всушност, покажува дека не само работничката, туку во тие денови целото семејство се става во служба на работодавците. Само за пример, за празниците, било државни или верски, не работат најголемиот процент од градинките. Тогаш на помош се повикува потесното семејство, а доколку работи и сопругот- тогаш целото пошироко семејство е во состојба на „тревога“.
– Секој поголем врски празник или, како сега, кога неколку празници се во краток период, на пример, среда неработна, па Велипеток, па втор ден Велигден, сопствениците како да ги фаќа паника, па наложуваат работа колку што е можно повеќе денови – и тука страдаат верските празници. Тогаш па градинките не работат, ние повеќето жени што работиме приватно се обидуваме со воспитувачките да се објасниме дека работиме, а децата нема каде да одат, но тоа е, мора да се снаоѓаме, па и ним им е празник, не ни се должни тие– револтирано раскажуваат три млади мајки што сакаа да останат анонимни.
•Кој да ги чува децата?!
И градинките потпаѓаат под надлежност на истото министерство, Министерството за труд и за социјална политика. Оттаму за овој проблем велат дека секоја од градинките може да направи процена дали има потреба да се работи за време на празник, па во тој случај да се применат истите законски одредби и за овие вработени.
А, токму анонимноста на работниците дава посебно светло на овој проблем.
Синдикалните организации во Македонија посочуваат дека освен во големите компании, во приватниот сектор нема развиена синдикална мрежа, немаат организација, та дури и работниците не влегуваат самостојно во синдикатите. Најчесто, не се ни запознаени со можностите за заштитата на работничките права. Нема ниту пријава, поплака до синдикатите во врска со злоупотреби на работното време или празниците.
– Постојат проблеми со непочитувањето на правата, особено за празниците. Има проблеми, но и нам и на инспекторите ни се врзани рацете сѐ додека нема пријави. Всушност, токму индиректното ставање на семејството во служба на компанијата е најчувствителната тема, но без да се направат реални истражувања, без конкретни податоци, не може да се реагира или да се притиска кај надлежните со паушални процени – вели Мирјана Андреска од Конфедерацијата на слободни синдикати.
Големите компании имаат слух и разбирање за работничките права кога се во прашање големите верски празници, за кои и се прогласува неработен ден – вели претседателот на Сојузот на синдикатите во Македонија, Живко Митревски.
– Идеално би било кога работникот би можел да рече утре е празник, јас сум верник, нема да работам, додека тие што имаат поинакви чувства да работат, а притоа никој да не трпи последици од таквите одлуки. Но, не е така. Добро би било и кога синдикалните мислења, ставови, работничките права што се остваруваат во големите компании би се пресликале во малите фирми. И тоа е тоа што го преземаме, што се обидуваме да го направиме. Да ги пресликаме состојбите од големите компании каде што се води сметка за меѓучовечките односи и за здрави и задоволни работници во малите компании – додава Митревски.
Работодавците, всушност, секогаш се повеќе запознаени со законите од работниците, а и се позапознати со начините како да се „извадат“ во случај на кршење на правата.
Од трудовата инспекција се присетуваат на еден случај кога градежници биле фатени на изградба на верски објект со непријавени работници. Викнати да дадат изјава, следниот ден, „фантомските“ работници дале речиси идентична изјава- тие биле верници, а бидејќи немале средства, со личен труд и помагање во градбата сакале да придонесат за верата.
За ваквите случаи и, воопшто, за состојбите, Андреска посочува дека и покрај постојаните надградувања на Законот за заштита на правата на работниците, никој не може да се избори за нивно почитување како што можат самите работниците.
– Сите сме на некој начин подложени на притисоци, но ако не се пријавува, никој не би можел да реагира во нивно име– додава Андреска.
Пишува: Наум Стоилковски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.