| четврток, 6 декември 2018 |

20 премиерски заповеди

gruevski07021g

Во стилот на книгите за самопомош, мотивација и правила за подобар живот, премиерот Никола Груевски денес се обрати пред 3.000 раководители вработени во државната и во јавната администрација и посочи 20 правила за подобро работење на јавниот сектор како дел од новиот проект на Владата познат како „Менаџмент етика“.
Нарекувајќи го настанот „несекојдневен кој има за цел да потсети на некои вредности кои пред се се човечки“, Груевски посочи дека најголемата реформа на јавната администрација е реформата на личниот однос и волјата на службеникот професионално да се заврши работата.
„Има некои кои го валкаат лицето на администрацијата. Затоа сме денес овде, да видиме зошто многу луѓе се незадоволни од јавната администрација“, посочи премиерот.
Првите десет правила кои Груевски ги упати до раководните претставници од државната администрација се следните:
1. Вие сте на функција само заради граѓаните и фирмите
2. Кон секоја фирма и граѓанин пријдете со добра волја
3. Бидете максимално креативни кога има пречки при спроведувањето на услугата што од вас ја бара граѓанинот или фирмата. Размислувајте како да се работи за ваш пријател
4. Бидете љубезен со секого без разлика дали ви е денот или не
5. Бидете неселективни и бидете подеднакво сервилни кон сите. Не делете ги луѓето по етичка, верска или партиска основа. Не делете ги наши и ваши.
6. Работете исклучиво по закон
7. Не подлегнувајте на притисоци од било кој. Не попуштајте- одработете професионално
8. Бидете отворени, јасни и транспарентни. Не оставајте ниту малку сомнеж дека може да бидете поткупени
9. Не премолчувајте кога гледате корупција, незаконско или неправилно работење. Пријавете
10. Не ги препраќајте луѓето и фирмите од шалтер на шалтер ако вие можете да го направите тоа. Да ве потсетам дека затоа се донесени и закони, а нивното прекршување предвидува казни од 1.500 до 15.000 евра
Десетте правила за раководните лица на надзорните и управните одбори пак се следните:

1. Вие раководите со државните институции заедно и еднакво со директорот или извршниот директор. Нивните грешки се подеднакво и ваши грешки, исто како што и заслугите се заеднички
2. Вие не сте таму само да изгласате нешто што директорот ќе ви даде да го гласате. Вие треба да го анализирате секој документ, секоја одлука
3. Не гласајте за ништо што или не сте го прочитале или не сте го разбрале. Стручно проучете го секој збор и бројка
4. Вас ве поставува Владата, која политички одговара пред народот за вашите чекори, а вие одговарате пред законите
5. Во случај на нестручно работење одговорноста е на секој од вас поединечно
6. Ниту Владата, ниту јас лично им немаме дадено мандат на никој да работи незаконски или неетички. Ако некој бара да изгласате нешто такво одбијте и пријавете
7. Ако ви треба дополнително стручно мислење побарајте стручно мислење однадвор
8. Не смеете да дозволите директорот да го поткупи вашиот глас
9. Не потпаѓајте под притисок, ургенција. Работете чесно, совесно, стручно и професионално. Бранете го исклучиво интересот на државата и граѓаните
10. Ако директорот работи неетички, нестручно опоменете го или казнете го. Ако тоа го повторува- разрешете го. Но не смеете да ја злоупотребувате таквата позиција. Внимавајте на непотизмот, мобингот, корупцијата, јавните набавки. Не ни укажувајте на слабости на директорот на крајот од мандатот, туку во моментот кога се случува тоа
Според податоците кои ги презентира министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, во 2013 година до Државниот управен инспекторат пристигнале 42 пријави и жалби за несоодветно работење на дел од административците. Дури 26 од нив, односно повеќе од половина, се однесуваат на жалби од работата на раководните лица кои предвидуваат казни од 7.500 до 15.000 евра.
Министерот Иво Ивановски, исто така ги презентираше и резултатите од проектот наречен Барометар на квалитет кој ги рангира институциите за начинот на работа и начинот на кој ги спроведуваат проектите. Оваа година, наградите ги добија Централниот регистер и Биро за електронски набавки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top