Владата наскоро ќе го објави 10. тендер за реализација на проектот за изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ на Црна Река. Јавниот повик ќе биде објавен во домашните и во еден странски весник.
– Условите на новиот јавен повик за реализација на постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река, познат како ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, се на некој начин балансирани помеѓу потребите на државата и барањата на идните концесионери – рече министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми на денешната прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека во новиот тендер не е предвидена изградбата на ХЕЦ Галиште, но се остава можност да се гради во иднина ако државата одлучи така.
МЖСПП, како што истакна, како надлежно за спроведување на јавниот повик со цел да ги забрза активностите за негова реализација предложи Владата да ги измени условите на новиот тендер, а Владата тоа го прифати и на последната седница донесе одлука за започнување на постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија и изградба на хидроелектрични централи на Црна Река со подобрени услови.
– Новиот тендер предвидува висината на браната на ХЕЦ Чебрен да биде флексибилна помеѓу 182,5 и 192,5 метри со индикативен минимален вкупен инсталиран капацитет од 333 мегавати и можност за поставување на четири агрегати на ХЕЦ Чебрен. Исто така, се предвидува да се овозможи изградба на прибранска хидроцентрала на браната Орлов Камен со која нема да биде оневозможено градењето на ХЕЦ Галиште во иднина. Минималниот процент кој идниот концесионер треба да го понуди за АД ЕЛЕМ во заедничката компанија да не биде под 35 отсто. Кога ХЕЦ Чебрен ќе работи со пумпен режим цената за пренос на електрична енергија која се плаќа на АД МЕПСО да биде фиксна и да важи за целиот концесиски период на ниво од тарифата за 2013 година определена во висина од 4,4 евра по мегават-час – рече Адеми и додаде дека ХЕЦ Тиквеш ќе се отстапи на концесионерот три месеци по потпишувањето на договорот за концесија.
Со ваквите измени, како што нагласи, се очекува успешно завршување на тендерот кој ќе биде објавен во домашните и во еден од странските весници.
– Постапката за доделување на концесија ќе ја спроведе комисија во која ќе бидат вклучени сите релевантни институции од областа на водите, енергетиката, економијата, транспортот и финансиите, а тендерската документација со предвидените измени ќе ја подготви Интернационалната финансиска корпорација – ИФЦ – нагласи Адеми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Владата распиша тендер за цвеќиња тежок 670 илјади евра
-
Уште еден тендер во рацете на фирмата донатор на СДСМ
-
Камиловски: Власта и министерот за здравство итно да го раскинат договорот со човек фирма за скандалот од 35 милиони евра
-
Фирмата „Деклус-ауто“-донатор на СДСМ повторно доби тендер за возила


