Без многу помпа Европската комисија уште еднаш, по петти пат, препорача Македонија да ги почне преговорите за членство со Унијата. Извештајот го дочекавме среде бурната политичка недела во која бевме сведоци на обид за нова политичка криза, и тоа само неполни два месеца откако се надмина слична. Неколку дена пред пристигнувањето на добрата вест од Брисел, која зависеше од договорот за случувањата од 24 декември, за кои, патем, загубивме неверојатни осум месеци во меѓупартиски банални натегања, опозицијата истапи со нови закани за нови блокади, за повторно напуштање на Собранието и за бојкот на следните избори… Причината овој пат ја најдоа во полициска акција на МВР во која првоосомничен е функционер на СДСМ. Дали има вина или не, треба да реши судот, но каква одлука и да донесе, повеќе од јасно е дека ќе биде силно критикувана и злоупотребена за политички цели, односно како алиби за нови кризи, за нова штета што ќе падне на грбот на граѓаните, за ново политичко сивило со кое ќе се оптоварува јавноста.
И додека јавноста очекува некакво размрдување на ситуацијата во која се наоѓаме и бара да слушне разни идеи за излез од ќор-сокакот во кој се наоѓаме поради спорот за името, добива најави за блокади и бланко-закани за идни апсења на потенцијални криминалци од опозицијата. Така место да очекуваме некаква сериозна национална стратегија со која ќе настапиме против заедничкиот „непријател“ или план за подобрување во одредена економска област, треба да бидеме благодарни и да чувствуваме олеснување ако некој пратеник реши да си ја заработи платата појавувајќи се во законодавниот дом.
Оттука не може а да не се наметне прашањето – дали недостигот од капацитет кај политичката елита да дебатира за идеи што ќе го подобрат животот на обичниот човек, се надополнува со деструктивно дејствување едни против други (на власт против опозиција и обратно), без воопшто да се загрижат дека сметката, вака или така, на крајот ќе ја плати народот.
Впрочем, народот бара логично објаснување од опозицијата зошто досега сите закани и уцени до власта беа упатувани при апсења на нивни членови и блиски соработници, оценувајќи ги случаите како политички реваншизам дури и пред да ги чујат обвиненијата, а, од друга страна, не излегоа со никаква реакција во случаите кога со лисици на рацете завршуваа функционери од власта. Како посвежи примери од последните неколку месеци се апсењата на Паско Кузман во случајот „Фаланга 2“ и на сопругата на поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Македонска пошта“ за кои опозицијата не кажа ниту збор. Иако пред шест години го блокираа судот при апсењето на Владо Бучковски за случајот „Тенковски делови“, летоска (откако го избркаа од партијата) социјалдемократите ја премолчија изречената затворска казна на поранешниот министер на СДСМ. Дури и во конкретниот случај со акцијата „Претседавач“, опозицијата не излезе со објаснување зошто се фрли во одбрана само на еден осомничен – нејзиниот партиски член, без притоа да ги спомене и другите приведени во случајот, меѓу кои и директорката на дирекцијата на Управата за јавни приходи во Скопје.
Пред да донесе каква било одлука, опозицијата треба да биде многу повнимателна од претходниот пат затоа што, од една страна, власта, сигурно, нема да дозволи да се „лизне“ уште еднаш на иста финта, а од друга страна, старото сценарио за вештачка криза е веќе прочитана книга кај народот, па сето тоа може да им се врати како бумеранг по нивниот рејтинг на следните избори, кои може да бидат многу брзо.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст