| четврток, 6 декември 2018 |

Канадски економист: Не влегувајте во ЕУ поради економски цели

majkl voker

Членството во Европската унија можеби е добра идеја за Македонија од гледна точка на политичка стабилност, пред сѐ во однос на соседите. Но, доколку тоа го правите од економски цели, подобро да не влегувате, смета Мајкл Вокер, канадски економист, основач и поранешен извршен директор на Институтот „Фрејзер“ и еден од авторите на извештајот за Економски слободи во светот.

Институтот „Фрејзер“ неодамна ја рангираше Македонија на 71. место во светот по економски слободи, што е 20-тина места повисоко отколку во 2005 година. Вокер предупредува дека обидите на ЕУ да се централизира, бирократизира и да ја контролира економијата на државите-членки – може да го наруши она што земјите го постигнале.

– Има две одделни причини зошто земјите би сакале да влезат во ЕУ. Едната е да бидат признати како еднаква, нормална држава од страна на западните земји. Претседателот Вацлав Клаус велеше дека за Чешката Република и нивното членство, овој проект нема многу врска со економските приоритети, туку пред сѐ е проект за зачувување на некое чувство на политичка нормалност и припадност на Западот. Тоа не треба да се отфрла како недостојна цел, и македонските граѓани треба соодветно да ја проценат. Но, од друга страна, мислам дека ако сакате да водите независна, слободна пазарна агенда во вашите економски реформи, тогаш членството во ЕУ не е добра идеја. Европскиот проект не се грижи за економските слободи, туку веќе работи на елиминирање на слободите, сака да созададе внатрешни пазари и бариери кон тие што се надвор. Има аргументи во прилог на членство, политичка нормализација и географска нормализација, и цементирање на независноста на Македонија во однос на некои од нејзините соседи. Но, ако тоа го правите од економски причини, тогаш веројатно на крајот на краиштата членството нема да биде во ваш интерес – вели Вокер.

Вокер вели дека по кризата во ЕУ, многу земји со право ја преиспитуваат својата одлука за членство.

– Веќе ги гледаме проблемите кои се појавија при економскиот крах. Секако, членките на ЕУ имаат можност да побараат субвенции од Унијата, но некои од членките сигурно веќе се прашуваат дали вредело тоа што го сторија. Тие беа поттикнати да влезат во еврозоната, и да преземаат чекори кои немаше да ги сторат ако беа надвор од еврозоната. Загрижен сум од бирократизирањето на Европската унија и стравувам дека тоа ќе се покаже како неодржливо, дека притисокот на власта кој доаѓа и од Брисел и од одделните главни градови на членките ќе се покаже како едноставно премногу силен – вели Вокер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top