| четврток, 6 декември 2018 |

Слободно пушете по 27 година, Милош Земан до децата

milos-zemanЧешкиот претседател, Милош Земан, повторно стана актуелен со неговата несекојдневна изјава кога препорача децата да почекаат да наполнат 27 години и тогаш да почнат да пушат за да немаат никакви ризици по здравјето.

– Почнав да пушам на 27 години кога мојот организам беше оформен и тогаш тоа веќе не ми штетеше. На сите деца им ја препорачувам истата постапка – рече Земан при посетата на фабриката „Филип Морис“ во чешкиот град Кутна Хора, во централниот регион.

Потоа малку неумесно продолжи дека има две верзии на лековитото влијание на тутунот.

– Првата е оптимистичка и вели дека тутунот е превенција против Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест, а втората е песимистичка бидејќи тврди дека ќе умрете од рак на белите дробови пред да можете да заболите од Алцхајмерова или Паркинсонова болест – рече Земан, кој е познат по своите „пријателски“ ставови кон тутунската индустрија.

– Не затоа што сум пушач, туку затоа што настојувам да има вработувања и неодамна лобирав за намалување на рестрикциите и насоките за тутунот – рече Земан додавајќи дека прекумерната административна регулација на тутунската индустрија ќе доведе само до зголемување на шверцот на цигари, влошување на нивниот квалитет и зголемување на нивната цена. Изјавите на Земан за пушењето ги вознемири експертите од таа област кои ги осудија неговите констатации.

Медиумите по таа негова изјава емитуваат изјави на доктори кои оваа негова порака ја нарекуваат неразумна и штетна.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top