-Во претстојниот период, Владата ќе продолжи со реформите и со испорака на конкретни резултати за натамошно унапредување на степенот на примена на ЕУ стандардите во македонското општество, а заради подобрување на животниот стандард на нашите граѓани. Притоа, посебно внимание ќе се посвети на продолжување на реформите во државната администрација, судството, борбата против корупцијата, состојбите во медиумската сфера, одржување на добри меѓу-етнички односи, зголемување на економскиот раст и вработеноста, натамошно ефикасно спроведување на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, унапредување на хармонизацијата со европското законодавство и политики, зголемување на степенот на искористеност на ИПА – изјави вечерва премиерот Никола Груевски, во своето обраќање до јавноста после средбата со евромбасадорот Аиво Орав, на која му беше врачен годинашниот извештај на ЕК.
Груевски во писмената изјава нагласува дека „Владата на Република Македонија го поздравува Извештајот на Kомисијата за остварениот напредок на земјата во 2013 година и обновената препорака до земјите-членки на Европската Унија за донесување одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија“.
Македонскиот премиер изразува благодарност до чинителите на власта во Република Македонија.
„Република Македонија се заблагодарува на Комисијата за континуираната силна поддршка во спроведувањето на реформите за интеграција во ЕУ. Обновената препорака претставува признание за остварените резултати во изминатата година, признание за сработеното од страна на институциите, администрацијата, сите политички и општествени чинители.
Република Македонија останува целосно подготвена да премине во следната фаза од пристапниот процес. Се согласуваме со констатацијата на Комисијата дека почетокот на преговорите не само што ќе го забрза консолидирањето на реформите и ќе ја зајакне меѓуетничката кохезија, туку и ќе го зачува кредибилитетот на проширувањето на Унијата како мериторен процес базиран на цврста условеност“, се вели во писмото на Груевски, изразувајќи надеж оти „земјите-членки во Советот на Европската Унија ќе се раководат од овие аргументи, од заедничкиот ЕУ интерес, и во декември оваа година ќе ја донесат одлуката за почеток на пристапни преговори со Македонија“.
Премиерот посочува дека и во иднина ќе се продолжи со градење „мостови“ во регионот. За спорот со името, премиерот Груевски изразува желба за брзо решение.
– Што се однесува до наметнатите грчко – македонски разлики околу името на Република Македонија, повеќе пати сме повториле дека сакаме час поскоро да ги разрешиме. Патот до решение е преку владеењето на правото и почитувањето на меѓународната правна рамка дефинирана од Обединетите нации и Меѓународниот суд на правдата. Сакаме да имаме проактивен и интензивен процес на највисоко политичко ниво. Одлагањето на решавањето на ова прашање не е од корист за никого. Од исклучителна важност е грчко-македонските односи да се развиваат низ призмата на заемно почитување, соработка, доверба, партнерство и уважување. Македонија останува посветена да ги развива добрососедските односи со Грција во таков дух, за добробит на регионалната стабилност и просперитет – се вели во писмото.
Македонскиот премиер упати повик до Грција да се однесува позитивно.
– Ја повикуваме Република Грција да го поддржи донесувањето на одлуката за Македонија на декемврискиот Европски совет и на тој начин директно да придонесе во евроинтеграцискиот моментум на Балканот. Посакуваме нашата прва меѓувладина конференција за пристапните преговори да се одржи за време на Грчкото Претседателство со ЕУ – се вели во обраќањето на премиерот Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии