| четврток, 6 декември 2018 |

Анкета: 73 отсто од граѓаните никогаш не протестирале за ништо

CRPM logo

Центарот за истражување и креирање политики од Скопје во рамките на проектот „Застапување за отворена влада: право да знаеш во Југоисточна Европа“ спроведе истражување на репрезентативен примерок од 1100 испитаници за да ги спознае перцепциите на граѓаните за транспарентноста, партиципативноста, отчетноста на власта (централна и локална) во Република Македонија.
Истражувањето покажа дека 73,1 проценти од вкупниот број испитанци никогаш не учествувале на демонстрации и/или протести, индикатор кој покажува за мошне низок степен на граѓански активизам и користење на директната демократија како инструмент за држење на Владата одговорна за своите постапки во земјава.

masa-narod
Истовремено, граѓаните не веруваат ниту во институционалните механизми за влијание и контрола над Владата. Испитаниците беа прашани за неколку механизми и колку тие можат да влијаат врз владините одлуки. Прашањата се однесуваа на: (1) парламентарните комисии, (2) пратениците, (3) опозициските партии, (4) Државниот завод за ревизија, (5) Народниот правобранител, (6) приватните ТВ станици и печатот, (7) синдикатите, (8) месните заедници, (9) граѓанските групи и невладините организации, (10) Црквата, (11) големите меѓународни компании и (12) домашните бизнисмени и банкари.

Граѓаните сметаат дека бизнисот и политиката најмногу влијаат на Владата. Имено, највлијателни според перцепцијата на граѓаните се меѓународните компании (72,4%), а по нив следат пратениците (68,2%), домашните бизнисмени и банкари (62,3%),
парламентарните комисии (56,5%).
Институционалните механизми за контрола и надзор имаат помала доверба дека влијаат на работата на Владата. Имено само 47,8% од граѓаните сметаат дека народниот правобранител има влијание, додека само 23,1% од граѓаните веруваат дека Државниот завод за ревизија има моќ да влијае на работата на Владата, а 20% дека има некаква моќ да влијае. Довербата во ДЗР како котролен орган е помала и од довербата во моќта на Црквата (46,4%), на опозицијата да ја контролира работата на владата (46,3), и на приватните ТВ станици и печатот (45%), а најмала е довербата во синдикатите (36,4%) инивната моќ да влијаат врз власта.
Флуктацијата на одбивање на одговори за оваа тема варираше од 13-30%.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top