Проблемот што искрсна меѓу телевизиите и здружението Македонска музичка индустрија не оди во прилог на поддршка на македонското музичко творештво – изјави денеска министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска во врска со потегот на неколку телевизии да не емитуваат музика на македонски автори.
Tаа нагласи дека Министерството упатило барање до телевизиите што добиле писмо од ММИ, да го препратат до нив и да го разгледаат.
– Ние претходно, по извршениот надзор, препорачавме да се преговара и да се договорат условите на соработката меѓу телевизиите и ММИ околу начинот на прибирање на средствата. Доколку здружението ММИ не постапило по препораката и не доставило информација за договарање и за преговарање за наплатата и за тарифникот, не може и неприфатливо е да врши наплата. Доколку е направено тоа, Министерството ќе преземе соодветни мерки – изјави министерката Канческа-Милевска.
Министерството за култура минатиот месец изврши увид во општите акти на ММИ, организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и на уметниците што се музички изведувачи, и утврди дека непрописно се наплаќа користењето на музиката на јавни места. Со тоа ММИ, додека не ги исполни пропишаните критериуми, ќе нема право во име на авторите да наплаќа за музика што се пушта во кафе-барови, ресторани, салони, телевизии и во други субјекти.
Министерството за култура почна постапка за изменување и за дополнување на Законот за авторското право и за сродните права.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


