| четврток, 6 декември 2018 |

Античкиот храм на Зевс пронајден кај Радовиш?!

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Археолозите кај локалитетот Тополничка река кај Радовиш,  наидоа на мошне значајни артефакти, меѓу кои и остатоци од антички храм со две простории и влез од источната страна, како и повеќе мермерни фигури, торза, камени икони и мермерни плочи со претстави на божества, околу 30 монети датирани од 4 век и градежни мермерни делови. Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците и музеј – Штип ги завршија археолошките истражувања на локалитетот Тополничка река кои започнаа во април годинава.

Наодите укажуваат дека се работи за антички храм од 2 и 3 век од н.е., според иконографијата на претставите, најверојатно на Асклепиј или Зевс. Во целост е откриена архитектурата на објектот со градежни остатоци од капители, подни и покривни бази, остатоци и друго, а според археолозите, особено е интересна мермерната плоча со претстава на Зевс.

Истражувањата ќе продолжат и наредната година кога се очекува археолозите да дојдат до нови податоци за постоечки други објекти околу храмот и во околината.

Topolnicka reka

„Тополничка река“ е евидентиран археолошки локалитет кој се наоѓа на левата страна од магистралниот пат Штип-Радовиш на растојание од околу еден километар од населбата Дамјан. Во близина на овој локалитет постојат повеќе регистрирани локалитети на археолошката карта на Македонија, како што се Канли Чаир од времето на неолитот, античкиот град Астрајон, како и доцноантичките локалитети: Марчово, Маденска река, Грамади.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top