Во Вашингтон вчера почнаа редовните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, на кои учествуваат гувернери на централните банки, министри за финансии, политичари и експерти од целиот свет, јави МИА од Вашингтон.
Македонија ја претставуваат гувернерот на Народната банка Димитар Богов и вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставревски.
Средбите поминуваат во знак на политичката криза во САД која предизвика блокада на буџетот и се заканува со банкрот, дотаму што еврокомесарот Оли Рен беше пречекан со коментар дека веројатно е среќен што конечно е во земја која има поголеми проблеми отколку Европската Унија.
– Недостигот нарешителност може да има многу негативни последици за американската економија и да предизвика прелевање што би значело негативни последици за остатокот на светот. Може да се предизвика нова криза, која ќе трае уште подолго, изјави директорката на ММФ Кристин Лагард.
Рен, во дискусија во музејот Декатур во Вашингтон, изјави дека очекува скромно подобрување на економската состојба во Европската Унија и постепено излегување од рецесијата, но дека во Брисел се загрижени поради запирањето на растот на земјите во развој, пред се БРИК земјите, и секако, поради блокадата во САД. Еврокомесарот и повеќе соговорници од европските институции најавија дека главни мерки за излез од кризата на ЕУ се создавање на федерални институции, водени од Брисел, за регулирање на банките – таканаречената банкарска унија. Рен ги повика европските земји кои во изминатите години се соочија со банкрот да продолжат со реформите и најави дека годнава може да се очекува Ирска и Шпанија да излезат од европските програми за помош. Но, за Грција, Рен најави дека на пролет може да се знае дали земјата успеала да постигне буџетски суфицит, доколку не се сметаат обврските за исплаќање на огромниот долг, што е прагот што ЕУ го постави за да се оценат можностите на Грција за излез од кризата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


