Кристијан Вигенин е оптимист оти во блиска иднина ќе биде постигнат сериозен напредок во врска со договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија. Бугарскиот министер за надворешни работи вели дека проблемите со Македонија на прв поглед изгледаат сложени, но можат да се решат и тоа би било во интерес и на двете земји.
– Процесот на преговори со Македонија продолжува во максимално отворен дух, а дали ќе успееме многу бргу да стигнеме до заемно прифатливи решенија во многу ќе зависи од добрата волја на македонската страна, изјави шефот на бугарската дипломатија за националното радио во Софија.
Според него, Бугарија веќе искажала подготвеност за компромис, а тоа, како што вели, го очекува и од македонската страна.
Кристијан Вигенин уверува дека договорот за добрососедство е заеднички интерес, ќе ги штити бугарските интереси и ќе биде сигурна основа за европски односи базирани на добрососедството. Тој во Брисел разговараше со еврокомесарот Филе, во пресрет на новиот извештај на ЕК. Бугарските медиуми велат дека Софија инсистира на договорот пред евентуалната одлука за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


