| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов и Попоски на Конференцијата за безбедност

Претседателот Ѓорге Иванов и Министерот за надворешни работи Никола Попоски утре ќе учествуваат на тридневната 49 Конференција за безбедност во Минхен, Германија. Иванов ќе учествува на сесијата на тема „Безбедност и стабилност во Југоисточна Европа и Кавказот”. Со конференцијата ќе претседава Марти Ахтисари, добитник на Нобелова награда за мир и поранешен Претседател на Република Финска.

Покрај дискусиите за традиционалните, трансатлантската и европската безбедносна архитектура и иднината на европската одбрана, теми годинава се и иднината на Еврозоната и Европската унија,  кибернетската безбедноста, состојбите во Мали, Сирија и Иран, како и баланс на силите во регионот.

На маргините на конференцијата предвидени се и низа билатерални средби за  сферата на безбедноста и уделот на Македонија во меѓународните мисии.

На Конференцијата во Минхен, учество најавија над 130 шефови  на држави и влади и други високи функционери, меѓу кои Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, Потпретседателот на САД, Џо Бајден, Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Кетрин Ештон, претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top