Колку пасоши имала најпознатата скопјанка во светот, Мајка Тереза? Со колку патни исправи го обиколувала светот следејќи ги животниот пат и духовниот подвиг кои ја воделе од Скопје, во Даблин и во Калкута, но и на сите точки на светот каде што ќе помислела дека има сиромашни и болни на кои им е потребна помош од неа лично и од редот на „Сестрите на милосрдието“ кој го основала?
Како што открива „Република“, интересен одговор на ова прашање нуди книгата „Мајка Тереза – чудесни приказни“, напишана од нејзиниот биограф и личен свештеник, Лео Масбург, објавена на македонски и на албански од Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје.
Отец Масбург во книгата раскажува еден настан што се случил на шалтер за пасошка контрола, на аеродромот во Варшава, за време на едно патување на блажената Мајка Тереза во комунистичка Полска.
Не знаејќи како да постапат, луѓето од граничната контрола рекле дека пасошот што им го подала за да ја премине границата — не важи. Во тој миг, Мајка Тереза, која во книгата ја запознаваме во една друга светлина, како нагласено духовита жена, почнала од чантата да вади дузина други пасоши, прашувајќи: Видете со кој од овие ќе може?
Како што дознаваме од биографијата, Мајка Тереза имала во секое време со себе десетина активни пасоши. Неколку граѓански пасоши како државјанка на Индија, два индиски дипломатски пасоши, еден ватикански и еден американски пасош, откако станала почесен граѓанин на САД, во 1996 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.