| четврток, 6 декември 2018 |

Заев гради пат и нема намера да дозволи Груевски да сече лента

zaev programa

Градоначалникот на Струмица, Зоран Заев денеска во селото Банско ја најави изградбата на новиот пат до село Моноспитово. Станува збор за регионален пат кој ќе ги поврзува двете села.

Според струмичкиот градоначалник најавувањето на новиот регионален пат е со цел да не му се случи повторно, кога ќе биде изграден патот, да биде пуштен во употреба од страна на премиерот Никола Груевски, како што се случи со неодамнешниот локален пат Струмица – Попчево, за кој општината тврди дека потрошила општински пари, а премиерот Груевски кажа дека се изградил со средства обезбедени од владата.

– Јас сум денеска овде да ја обелодениме реализацијата на значаен патен правец за граѓаните на двете општини, но и пошироко како регионален пат, од проста причина што не сакам да се доведам во состојба повторно ваква категорија на пат го пушта Груевски, бидејќи овде се трошат 7.087.000 денари, исто толку средства колку последниот патен правец, средства на граѓаните на општина Струмица. Овде имаме дел од Бирото за регионален развој, која е државна институција. Во моменти кога не се спроведува Законот за рамномерен регионален развој и сите овие регионални патишта да се финансираат токму согласно овој закон, општините се принудени да трошат огромни средства од своите локални буџети – изјави градоначалникот Зоран Заев.

Општина Струмица за овој патен правец обезбеди 7.087.000 денари, за делот кој се наоѓа на територијата на општината, кој е во должина од 897 метри, 1.413.000 денари се од Бирото за регионален развој и 170.000 денари од Центарот за регионален развој.

На територијата на општина Босилово за патниот правец кој е во должина од 1.500 метри и деновиве заврши неговото асфалтирање, средствата во износ од 16.400.000 денари се обезбедени од Светската банка и проектот за подобрување на општинските услуги финансирани со заем на Меѓународната банка за обнова и развој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top