| четврток, 6 декември 2018 |

Камник е домаќин на „Македонска стрелба 2013“

Стрелачкиот сојуз на Скопје е организатор на турнирот „Македонска стрелба 2013“, што ќе се одржи задутре, недела, од 9 часот на стрелиштето Камник крај Скопје.

Дисциплината е дворачно пукање со пиштол, слободен стил на македонски начин. Сите што се заинтересирани за настап треба да се пријават до самиот почеток на турнирот. Котизацијата чини 600 денари, а натпреварите ќе се одржат и во машка и во женска конкуренција, и за аматери и за професионалци.

Учестниците и сите заинтересирани утре, сабота од 9 часот ќе имаат можност за тренинг. Главниот турнир ќе се одржи во исто време, во недела. Наградите се атрактивни, а организаторите ќе доделат МК пушка за првопласираните и МК пиштол за освоено второ место.

Еве ги пропозициите за натпреварувањето:

-Право на учество имаат сите полнолетни лица, во женска  и машка  конкуренција

-Во машка конкуренција се стрела во две групи; аматери и професионалци (лица во служба во АРМ и МВР, активни стрелци)

-Се стрела истовремено со два пиштола од секоја рака, обезбедени од страна на организаторот

-Во машка конкуренција се стрела со пиштоли во калибар 9 мм, а во женска конкуренција со пиштоли 7,65 мм

-Се стрела на далечина од 10 метри на 6 стоечки силуети, за проба 2 х 3 куршуми и за меч 2 х 6 куршуми

-Истрелувањето е наизменично од секоја рака по 2 куршуми на силуета

-За време на стрелбата пиштолите се цело време подигнати и вперени во правец на метите

-Време на испукување на куршумите е 1 минута

-Се бодуваат стандардните кругови на метата и дополнителни 15  поени за погодок во главата–балонот

-При погодок на сите 6 балони се добива бонус од 50 поени

-Погодоците настанати при пробивање на балонот не се бодираат

-Во случај на повеќе од 2 куршуми во мета се одбива најдобриот погодок

-Во случај на ист број на бодови во групата за борба за  првите 3 места, ќе има распукување.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top