Британскиот европратеник Ричард Ховит на крајот на овој месец ќе допатува во Скопје за да се сретне со македонските власти, претставници на политички партии, невладини организации и медиуми, со цел да ја добие вистинската слика за следната Резолуција за земјава која веќе започнал да ја подготвува.
Ховит истакнал дека прави се што е во неговата можност Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ.
– Правам се што можам оти дефинитивно сакам Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската унија. Мојот, но и интерес на ЕУ и на самата земја е тие преговори да почнат, вели Ховит.
Ховит додава дека на крајот на месецов ќе допатува во Македонија за да види како течат работите на терен.
– Сите знаеме зошто годинешната предлог-Резолуција за вашата земја ја предложив толку доцна. Затоа, следната очекувам да ја издадам во нормално време и истата потоа да биде усвоена од Европскиот парламент. Едноставно, нема причина и сега да одложуваме, но не можам да кажам дали и што ново ќе предложам за Македонија, заклучува британскиот европратеник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.