Според последната анкета што ја спроведе Агенцијата за вработување, реалната невработеност во Македонија изнесува 10 проценти, покажуваат податоците објавени на Државниот завод за статистика за 2013 година, пренесе „Капитал“. Според вратените формулари од сите невработени лица во земјава, од вкупно евидентираните 220 илјади лица, околу 60 проценти или 130 илјади се изјасниле дека не бараат Агенцијата да им понудува вработување, додека само околу 93 илјади се изјасниле дека сакаат да им се нуди вработување. Ако овие 93 илјади лица, кои според Агенцијата се тие кои навистина бараат работа, се стават во однос со вкупниот број активни лица, тогаш излегува дека вистинската стапка на невработеност во Македонија е 10 проценти, што е трипати помалку од официјалната стапка на невработеност (28,8%) што неодамна ја измери Државниот завод за статистика.
За да бидат овие бројки и официјални, истата анкета се повторува уште еднаш за сите невработени повторно да размислат дали сакаат Агенцијата да им нуди вработување и дали би прифатиле работа ако им се понуди. Експертите немаат дилема дека ова разграничување на невработеноста е добар потег. Ако не за друго, тогаш поради тоа што ќе даде точна и реална слика за тоа со каква работна сила располага Македонија како земја, додава „Капитал“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


