Меѓународниот филмски фестивал „Златен портокал“, од Анталија, е најголем, најзначаен и најдолго организиран фестивал во Турција и еден од најпрестижните во Европа. Годинава фестивалот ќе се одржи од 4-11 октомври и го слави својот 50-ет годинешен јубилеј.
Во рамките на одбележување на јубилејот, фестивалот ќе организира специјална програма, која ќе биде посветена на стари и реставрирани филмови, а со цел на публиката да ѝ се доближат филмовите на филмските пионери.
Kако гостин во оваа програма поканета е Кинотека на Македонија, која ќе организира изложба на фотографии од филмовите на браќата Манаки, а како специјален настан ќе бидат прикажани дигитално реставрираните филмови на браќата Манаки со музичка придружба на Благој и Бојан Маротови.
Изложбата на фотографии ќе ја отвори градоначалникот на Анталија и директорката на Кинотека на Македонија м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, а воедно на Кинотеката ќе и биде доделена Плакета за особени заслуги во зачувување на аудиовизуелното наследство и одбележувањето на 50 годишниот јубилеј на овој реномиран фестивал.
Во рамките на оваа програма ќе се одржи и панел дискусија на тема Браќата Манаки – балкански сликари со светлината, на која, покрај другите, ќе учествува и м-р Игор Старделов, виш филмолог во Кинотеката.
Како сведок на половина век од Турскиот филм, фестивалот со посебен интерес ја покани Кинотеката на Македонија, во збогатувањето на овој, за нив, значаен јубилеј.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.