| четврток, 6 декември 2018 |

Нимиц ги соочи Јолевски и Василакис (ВИДЕО)

Во Њујорк завршија дводневните средби на посредникот за спорот за името амбасадорот Метју Нимиц со претставниците на Македонија, амбасадорот Зоран Јолевски, и на Грција, Адамантиос Василакис

101558890

На прес-конференција по средбите амбасадорот Нимиц рече дека двете страни разговарале за суштината на прашањето и најави скорешна нова средба во истиот формат, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

На прашањето дали темата на разговор е конкретна или лебди во воздух, и за што точно се разговара, Нимиц одговори – Прашањата се конкретизираат, не лебдат во воздух. На мене е да ги ставам предлозите на маса, да добијам реакција и потоа да понудам нешто друго. Затоа нема многу логика за мене јавно да ги објавувам овие прашања, изјави амбасадорот Нимиц.

Тој додаде дека разговорите се воделе за прашања коишто се тешки и за двете страни. Нимиц овојпат не рече дека е оптимист за разговорите, но кажа дека не е разочаран од нив. – Воопшто не сум разочаран. Разговараме за тешки прашања, имаме работи на маса, некои работи се многу тешки за страните и затоа ги гледаме од различни гледни точки. Мислам дека двете страни покажуваат чувство за процесот. Немам ништо во рака, ќе ви кажам кога ќе имам нешто во рака, изјави амбасадорот Нимиц.

Ниту амбасадорот Нимиц ниту двајцата учесници во разговорите не сакаа да прецизираат понатаму за содржината на разговорите. На прашањето за меѓународниот притисок овие дводецениски разговори да се заклучат со решение, Нимиц рече дека таков интерес постои. Средбата се одржа во просториите на Советот за безбедност на ОН што дополнително укажува на повисокото ниво на интерес што светската организација го дава на овие разговори.

– Има многу меѓународен интерес и можам да кажам дека многу држави членки на Обединетите нации доаѓаат и ме прашуваат за ова, ми зборуваат за ова. Има многу интерес. Интересот не е само академски, туку и затоа што ова е чувствително прашање во чувствителен дел на светот. Решавањето на ова прашање ќе отвори врата не само за подобри односи меѓу овие две земји, туку и за поголема стабилност во регионот. Затоа генералниот секретар на Обединетите нации е лично заинтересиран за ова, и јас му рапортирам. И други земји, како САД, разни европски земји, но и други во светот, сметаат дека ова е вознемирувачко прашање и многу би сакале да видат решение, изјави Нимиц.

На прес-конференцијата беше најавена нова средба, во истиот состав, во скорешно време. По разговорите грчкиот претставник Василакис прецизираше дека оваа средба може да се одржи во рок од месец до месец и половина. Како можни локации, се спомнуваат вообичаениот Њујорк, но и неутрална локација во Европа, а постои можност и посета на Нимиц на двете држави, но сепак притоа Василакис инсистираше дека новата средба ќе биде на денешното ниво, на амбасадорот Нимиц и на двајцата учесници во разговорите, а не средба на Нимиц со раководствата на двете држави.

Василакис повеќепати ги одби прашањата околу посветеноста на Грција во овие преговори имајќи предвид дека Атина ја одби понудата за тројна средба која ја изнесе еврокомесарот Штефан Фуле.

Амбасадорот Јолевски по прес-конференцијата изјави дека Македонија останува посветена на изнаоѓање решение кое нема да се одрази врз македонското достоинство.

– Денеска имавме продуктивна средба со медијаторот Метју Нимиц на која што два часа разговаравме и за супстантивни прашања, како и за текот на процесот. Двете страни покажаа, според мене, спремност сериозно да разговараат за изнаоѓање на заемно прифатливо решение. Владата на Република македонија останува искрено посветена на оовј процес, за што побрзо изнаоѓање на заемно прифатливо решение кое ќе го заштити идентитетот и дигнитетот на македонските граѓани и кое ќе биде во согласност со меѓународните принципи и норми. Република Македонија заслужува да стане членка на НАТО, заслужува да ги започне преговори за членство во Европската Унија и овие процеси не се добри само за Македонија туку и за нашиот јужен сосед Грција и за целиот регионот, изјави Јолевски.

Средбите се одвиваа вчера и денес. Во текот на вчерашниот ден имало по една одделна средба на Нимиц со Јолевски и со Василакис, во траење од по околу час и половина. Денешната средба, во зградата на Обединетите нации, траеше околу два часа.

Грчките медиуми за средбите на Нимиц со амбасадорите Јолевски и Василакис

Грчките медиуми денеска главно ја пренесуваат веста на државната новинска агенција АНА-МПА за вчерашната средба на медијаторот Mетју Нимиц со амбасадорите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.

Сите ја пренесуваат изјавата на Нимиц дека преговарачкиот процес во рамките на ОН за изнаоѓање решение за прашањето за името продолжува и оти наскоро ќе се одржат нови средби.

Агенцијата истакнува дека Нимиц рекол оти „нема ништо конкретно“, дека е разговарано за „тешки прашања“ и за „суштината на проблемот“ и оти „постои зголемен меѓународен интерес, од ОН, САД и ЕУ“.

– Воопшто не сум разочаран, ја пренесуваат грчките медиуми изјавата на Нимиц и додаваат дека медијаторот подвлекол оти „двете страни покажуваат внимателност“.

Според дипломатски извори, на поединечните состаноци и на заедничката средба Нимиц „не претставил нови елементи и неговите позиции се движеле во веќе познатите рамки“.

Според весникот „Етнос“, изборот во март да се одржат нови средби е поврзан со распоредот што го направи еврокомесарот за проширување Штефан Филе, „кој е пријател на скопјаните“, кој во март ќе подготви „привремен извештај за напредокот на преговорите под покровителство на Нимиц, според кој министрите за надворешни работи на ЕУ во јуни ќе треба да одлучат за барањето на Македонија за почеток на пристапните преговори со Унијата“.

„То Вима“ нагласува дека Нимиц признал оти „постои голем меѓународен интерес од европските земји, САД и од други земји – членки на Обединетите нации за решавање на прашањето за името“. Повикувајќи се на „некои информации“, весникот пишува дека на маса е најмалку едно име за кое медијаторот се обидува со разни формули да ги премости разликите меѓу Атина и Скопје. „То Вима“ истакнува дека тројцата дипломати наскоро повторно ќе се сретнат и оти се очекува на наредбата средба Нимиц да поднесе „некаков предлог“.

Телевизијата „Скај“ извлекува дека дводневните средби во Њујорк завршиле „без конкретен напредок“. Телевизијата јавува дека Нимиц рекол оти „нема ништо конкретно“ и оти на маса била „суштината на проблемот за чувствително прашање во чувствителна област“.

Под наслов „Процесот е конструктивен, изјави Нимиц за преговорите со Грција и Македонија“ и „Катимерини“ во целост ја пренесува веста на државната новинска агенција. Весникот истакнува дека Нимиц рекол оти имал конструктивен состанок на кој се разговарало за суштината на прашањето. Според „Катимерини“, позициите на двете земји се кристализирале и медијаторот подвлекол дека двете страни напорно работат за да се утврди дали може да се постигне договор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top