
Покрај зголемувањето на пензиите за 5 отсто од март 2014 година, владата ќе продолжи со реализација на другите мерки и политики кои се во насока на подобрување на услови и подигнување на стандардот на пензионерите, најавија министрите за финансии и труд и социјална политика, Зоран Ставрески и Диме Спасов на средбата со претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Драги Аргировски.
-И за време на европската криза заштитата на пензионерите останува еден од приоритетите на Владата на Република Македонија. Зголемувањето на пензиите не е единствена мерка која е во насока на подобрување на условите на пензионерите, тука е и намалувањето на цената на лековите, обезбедување на бањско лекување, како и обезбедување на простории за организирано делување на пензионерите, изјави вицепремиерот Ставрески.
Според него зголемувањето на пензиите е направено во услови кога Буџетот и Република Македонија се соочуваат со предизвиците од европската криза, но, како што истакна, Владата смета дека заштита на животниот стандард на пензионерите е приоритет и како што направивме и следната година смогнавме сили да издвоиме средства за зголемување на пензиите.
Ставрески потсети дека од 2006 година досега пензиите во Република Македонија се зголемени за 50 отсто. Така просечната пензија во 2006 година изнесувала 7.603 денари, а во 2013 година просечната пензија изнесува 11.565 денари.
Покрај зголемување на пензиите,како што рече министерот Спасов, владата издвои 35 милиони денари за бањско лекување на 5.500 пензионери.
-Овој проект наиде на голем интерес кај пензионерите. На јавниот повик за бањско лекување досега пристигнале 24.000 апликации, додаде Спасов.
Во насока на подобрување на стандардот на пензионерите, тој уште еднаш потсети на пакетот мерки кои Владата неодамна ги донесе за изградба на приватни домови за стари лица, а меѓу кои како посебно значајни ги истакна продажба на градежно земјиште за таа цел по едно евро за метар квадратен и намалување на комуналиите за 95 отсто.
Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија ја поздрави одлуката за зголемување на пензиите од март 2014 година за 5 отсто и изрази надеж дека одличната соработка меѓу пензионерите и Владата ќе продолжи и понатаму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


