| четврток, 6 декември 2018 |

Неговото височество – јогурт

Некогаш јогуртот се пиевме само со ѓеврек и со пржени лепчиња, а денеска во комбинација со житарки и овошје е замена за оброк или ужина. Неговата освежувачка моќ ја гледаме на првата лажица таратур, а она што не го гледаме, а го чувствуваме кога пиеме јогурт е благотворното дејство на ферментите што ги содржи. Неверојатно, но јогуртот штити од стрес, ги средува дигестивните проблеми, ги негува забите, заситува, освежува… и што уште не.

Со јогурт се слабее. Докажано!
Поради живите млечни ферменти, витамините од групата Б и големата концентрација на киселост јогуртот е одличен регулатор на работата на цревата. Со оглед на тоа што јогуртот е дериват на млекото, ги содржи сите корисни состојки на млекото, но е многу поделотворен од него. Јогуртот содржи и минерални соли, особено калциум, кој во форма на калциумлактат долго се задржува во цревата, така што значително ја зголемува нивната способност за апсорпција на хранливите материи. Калциумот го намалува лачењето на хормонот кортизол, а тоа го олеснува слабеењето. Аминокиселините го помагаат согорувањето на масните наслаги.

Чаша јогурт – мирни црева
Јогуртот е лек и за пролив и за запек. Исто така, ја обновува цревната флора по терапија со антибиотици. Некои лекари го препорачуваат и за лекување орални и кожни инфекции, егземи или чирови, а сите лекари го вклучуваат во терапијата за смирување. Ако сте напнати, нервозни или растревожени, чаша јогурт е лекот.

Јогурт со добри бактерии на празен стомак
Пробиотиците се ферменти кои ја поттикнуваат цревната активност. Тоа се т.н. добри бактерии кои се додаваат во јогуртот и за разлика од млечните ферменти отпорни се на желудочните сокови и успеваат да дојдат до цревата живи и таму позитивно да делуваат. Покрај тоа што ја одржуваат рамнотежата на цревната флора, овозможуваат подобра дигестија, тие ги уништуваат и бактериите салмонела и ешерихија коли.
Се препорачува пробиотиците да се земаат на празен стомак, зашто тогаш најмногу делуваат.

Јогурт за блескава насмевка
За разлика од шеќерите, јогуртот не предизвикува кариес. Ниту еден од нискокалоричните, лесните и овошните јогурти не ја оштетува глеѓта, што е причина за појавата на кариесот. Исто така, млечните киселини ги штитат непцата. За да го намалите ризикот од забни болести и до 60 проценти, доволно е дневно да внесувате барем 50 грама јогурт.

Не заборавајте!
Сепак, јогуртот не е вода. Лесно лизга низ грлото и освежува, но не е вода и содржи калории. Во зависност од типот на млекото од коешто е направен, јогуртот може да биде полномасен, делумно или целосно обран, а од тоа зависи и уделот на маснотии и количеството калории што ги содржи, додека уделот на протеини и јаглехидрати е приближно еднаков во сите јогурти.
Тврдите јогурти, чисти или со овошје, повеќе заситуваат од течните јогурти и се одличен избор за ужина. Десертните јогурти се произведуваат најчесто од полномасно млеко со додаток на павлака, којашто ја ублажува киселоста и дава креместа конзистенција, па затоа и се помасни и покалорични од класичниот јогурт.

Внимавајте!
Кога купувате јогурт, треба да внимавате на следниве работи:
– датумот на производство – бирајте јогурт со подоцнежен датум на истек на рокот
– земајте ги пакувањата што се подлабоко во фрижидерот, зашто тие се помалку изложени на температурни промени
– штом ќе го отворите јогуртот, изедете го побрзо, зашто колку што подолго стои, толку повеќе се намалува делотворноста на ферментите

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top