Петте постојани земји-членки на Советот за безбедност на ОН постигнаа договор за предлог-резолуцијата за Сирија, со која се предвидува уништување на сириското хемиско оружје.
– Велика Британија, Франција, САД, Русија и Кина постигнаа договор за обврзувачка и применлива резолуција – наведе доцна синоќа британскиот амбасадор при Светската организација, Марк Лајал Грант, на неговиот профил на „Твитер“.
Во исто време, француската мисија при ОН информира дека на затворена седница на Советот за безбедност, Велика Британија ќе ги информира останатите 10 земји-членки на ова тело на светската организација за содржината на договорената предлог-резолуција.
– Предлог-резолуција за хемиското оружје ќе им биде претставена на претставниците на 15-те земји-членки на Советот за безбедност – се наведува во соопштението на француската мисија, исто така, објавено на „Твитер“.
Информацијата за постигнатиот договор за предлог-резолуцијата за Сирија ја потврди и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во изјава за ИТАР-ТАСС.
– Ја усогласивме руско-американската предлог-резолуција која ќе му биде доставена на усвојување на Советот за безбедност на ОН. Очекувам таа да биде одобрена и од Организацијата за забрана на хемиското оружје – изјави Лавров.
Според него, во утврдениот текст на резолуцијата не се предвидува примена на мерки на сила врз основа на поглавјето 7 од Повелбата на ОН, со кое се регулира воведувањето санкции и употребата на сила.
Американскиот државен секретар Џон Кери пак изјави дека САД не се откажале од евентуалната употреба на сила против Сирија, иако таа можност нема да биде спомената во договорената предлог-резолуција на Советот за безбедност.
– Не се откажавме од заканата, иако таа не е дел од оваа резолуција и од овие преговори, изјави Кери во интервју за Си-Би-Ес. „Сирија ќе се распадне пред која и да било од страните во конфликтот да извојува победа“, оцени американскиот државен секретар Џон Кери, апелирајќи до сите спротивставени страни да преземат брзи чекори за наоѓање на политичко решение за прекин на конфликтот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
САД воведоа нови санкции за Русија, Москва смета дека е реванш за Сирија
-
Нови напади на Сирија: Соборени 9 ракети (видео)
-
Сирија од минута во минута: Асад порача: Сиријците не се плашат од НАТО, сега видовме дека оружјето им е застарено! (видео)
-
Српски дипломат тврди: Се знаеја и времето и метите за нападите во Сирија!