| четврток, 6 декември 2018 |

Божиќ: Една третина од преговорите со ЕУ се однесуваат на земјоделието и прехранбеното законодавство

Мирослав Божиќ е експерт за земјоделство и рурална политика со две децениско искуство. Како висок претставник на Хрватското министерство за земјоделие, рибарство и рурален развој бил одговорен за мултилатералните и билатералните разговори во рамки на Светската трговска организација, Договорот за Стабилизација и Асоцијација и со други регионални организации. Божиќ ја водел работната група за земјоделие и рурален развој во  Хрватските преговори за влез во ЕУ.

 

Која е целта на Вашата експертска мисија во Република Македонија?

Владата на Република Македонија посакува преговорите со ЕУ – кои што се надевам ќе започнат многу скоро- да се одвиваат на компетентен начин и ефикасно. Земјоделството го одликува исклучителна комплексност и поради тоа е избрано како една од приоритетните  области за обезбедување на техничка поддршка за државната администрација. Ова е мојата втора мисија во Македонија, и целта е да се пренесат искуствата од преговорите со Европската Унија за поглавјето 11 – Земјоделство и рурален развој. Клучниот посакуван исход од преговорите е да се заштитат националните интереси во земјоделството, но исто така да може во земјата без потешкотии да се примени Заедничката земјоделска политика на ЕУ. Оваа мисија е само една од активностите кои се спроведуваат во рамките на иницијативата предводена од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП за размена на искуства поврзани со процесот на интеграција на државите од регионот во Европската Унија, притоа акцентот е ставен на Поглавијата 11, 12, 22, 23 и 24.

 Познато Ви е дека Република Македонија нема добиено датум за почеток на преговори со Европската Унија, но сепак се превземаат подготвителни активности за преговорите вклучувајќи го и Поглавието 11 – Земјоделие и рурален развој. Дали сметате дека овие напори на надлежните институции се целисходни и како ја оценувате нивната моментална подготвеност за почеток на преговорите?

Апсолутно да. Енергијата која денес ја вложуваме може да се гледа во две димензии и секоја од нив ја оправдува целисходноста на овие активности. Од една страна, важно е и понатаму постепено да се преземаат прописите на ЕУ, нешто на што се обврзуваме со потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација. Сакам да потсетам дека Македонија е прва од сите земји во регионот која што го потпишала Договорот уште во 2001 год., неколку месеци пред Хрватска. Превземањето на стандардите на ЕУ е најдобрата гаранција дека производите од македонското земјоделство ќе го пронајдат патот до европските потрошувачи без потешкотии. Како личност која што во последните 15 години интензивно се занимава  со европската земјоделска политика и преговорите за пристапување, тврдам дека Македонија, без  потешкотии е подготвена да ги започне преговорите во оваа комплексна и тешка област.

 Дали Хрватските искуства со преговорите се апликативни за Република Македонија и кои на аспекти од процесот на преговори би требало да се обрне особено внимание?

Генерално, искуствата на другите кои преговараа пред нас се секогаш корисни и може да се каже дека се пренесуваат од колено на колено, како што се шири и европското семејство. Многу искуства  од хрватските преговори во областа на земјоделството се апликативни за Македонија, но постојат и некои искуства за кои што веќе денес знаеме дека нема да бидат применливи. На пример, производните квоти за кравско млеко во Европската Унија ќе се применуваат уште година и пол, така што ова прашање нема да биде важно за македонските преговори. Впрочем, Заедничката земјоделска политика на ЕУ се менува константно, така беше порано и така и ќе продолжи. Што се однесува до аспектите на преговорите на кои што треба да се обрне особено внимание, јас би посочил на три клучни аспекти. Тоа се градење на капацитетот на надлежните институции за спроведување на европската земјоделска политика, создавање на компетентен преговарачки тим и соодветен аграрен буџет.

Поконкретно, какво е искуството на Република Хрватска со искористувањето на средствата од ИПАРД и што би требало да се направи за да се зголеми абсорпцијата на овие средства во Република Македонија?

Искористувањето на средствата од ИПАРД, и претходно САПАРД, не беше успешна приказна во Хрватска. Во текот на скоро 7 години на спроведување на САПАРД/ИПАРД програмата, повеќе средства се вратени на ЕУ отколку што беа потрошени! Хрватска досега има вратено 50 милиони евра во Брисел. Главната причина е преклопувањето со националните мерки за поддршка. На почетокот, кога почна да се спроведува САПАРД, државата обезбедуваше неколку пати поголеми буџетски средства за кои што беше пропишана претерано едноставна процедура за користење. Логично беше земјоделците да ја користат оваа поедноставна процедура наспроти многу строгите ЕУ правила. Втора причина е големата структурна разлика помеѓу економските чинители. Од една страна огромен број на мали претпријатија кои не беа способни да направат квалитетна апликација а од друга страна многу големи земјоделски компании кои често не беа прифатливи за користење  на претпристапната програма на ЕУ. Гледаме и дека Македонија има големи предизвици со абсорпцијата. Морам да кажам дека дел од одговорноста за ниската абсорпција на ИПАРД ја има и Бриселската администрација која понекогаш имаше навистина тешко разбирливи барања. Меѓутоа, клучната одговорност е секогаш на земјата- кандидат. Градењето на административниот капацитет за спроведување на ИПАРД мора да биде еден од приоритетите. Постојаната едукација на корисниците е исто така исклучително важна.

Кои се според Вас клучните постигнувања на надлежните институции во областа на земјоделието и руралниот развој во Република Македонија?

Република Македонија има многу добра стратешка рамка за спроведување на земјоделската политика и консензус од страна на сите засегнати страни. Донесена е стратегија која има добро поставени цели а Владата ја донесе и повеќегодишната Програма за земјоделство  и рурален развој до 2017 год. Тоа е всушност рамковен оперативен документ за спроведување на стратегијата во наредните години. Според мене најважно е да се донесе соодветен буџет за наведениот повеќегодишен период бидејќи тоа е клучен фактор за понатамошен успех во спроведувањето на програмата. Во делот на апроксимацијата со законодавството на ЕУ и градењето на институции, постигнат е солиден прогрес, но претстои уште многу работа. Навистина добар потег е што од самиот почеток , Македонија одлучи да ја изгради Платежна Агенција како независна институција, иако тесно поврзана со Министерството за земјоделие, како што всушност и треба да биде.

Со кои клучните предизвици ќе се соочат надлежните институции за Поглавието 11 на краток рок?

Штом се отворат преговорите, следува првата фаза која обично се нарекува скрининг (screening), во жаргонот на ЕУ, а ниту на македонски ниту на хрватски немаме збор за тоа. Станува збор за темелен преглед на усогласеноста на законодавството на земјата кандидат со законодавството на Унијата. Проценката е дека од приближно 150.000 страници легислатива на ЕУ, најмалку 35% се однесува на земјоделско-прехрамбеното законодавство кое што спаѓа под надлежност на Министерствата за земјоделие.

За време на screening-от, прво експертите од Брисел ги изнесуваат најважните важечки прописи. Неколку месеци подоцна, македонската администрација ќе има можност да одговори на бројни прашања и тоа ќе биде вистинскиот тест за подговеноста за продолжување на преговорите. Меѓутоа, уште пред скринингот, препорачливо е да се создаде преговарачкиот тим и точно да се одреди составот на Работната група за водење на преговорите во областа на земјоделството. Многу е важно целиот овој процес да се одвива во партнерство со производителите – фармерите и прехрамбената индустрија но и со останатите сегменти во општеството. Тоа само ќе ја зајакне позицијата на Македонија во  преговорите и тоа е и гаранција дека резултатите од тие преговори ќе бидат успешни. До тогаш, потребно е трпеливо да се исполнуваат препораките од извештаите за напредокот кои секоја година ги носи Европската комисија а кои се позитивни веќе неколку години. Во секој од овие Извештаи се предлага да се отворат преговорите, вклучувајќи го и Поглавјето 11. Мојата искрена желба е што побрзо да започнат преговорите бидејќи Македонија тоа навистина го заслужува.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top