Најпознатиот македонски шоумен неодамна го прослави 50-тиот роденден со најблиските во Слепче. По тој повод како и одбележување на јубилејни 40 години телевизиска кариера, 30 години од првата професионална театарска улога, како и 20 години од неговиот прв албум и соработка со неговиот музички гуру Игор Атанасовски – Харе, Игор Џамбазов, подготвува големо мултимедијално шоу.
Концертот во организација на „Горила Продукција“ ќе се одржи на 1 ноември (петок) во големата сала на спортскиот комплекс Борис Трајковски. Свесни дека се работи за великанон кого го сакаат сите генерации, од „Горила“ единствено стравуваат дека и оваа сала нема да биде доволно голема да ги собери сите фанови, а очекуваат посета од над 10.000 Џамбо љубители од целата држава.
Сценариото за оваа единствена вечер е всушност рекапитулација на бурниот боемски живот на човекот кој многумина го сметаат за жива легенда, како и потсетување на неговите најголеми хитови. Игор на сцената ќе биде придружуван од Гуру Харе и бендот чиј костур го сочинуваат музичарите кои свиреа со нашата најголема музичка ѕвезда на сите времиња Тоше Проески, овој пат засилен со уште неколку врвни музичари.
Специјални гости на концертот ќе бидат Калиопи, Тамара Тодевска, Елена Ристеска, Влатко Илиевски, неговите омилени Пере и Франц од групата Нокаут, хорот на Златното Славејче под диригентската палка на маестро Александар Џамбазов, како и неговите колеги актери Сашко Коцев и се разбира, долгогодишниот сопатник на Игор и брат по многу нешта, Тони Михајловски.
Се очекува и вклучување во живо на големиот пријател, учител и идол на Игор, легендарниот Раде Шербеџија. Многу македонски уметници, медиуми и институции, пак, најавија нивни специјални изненадувања за овој повеќекратен јубиле.
Концертот ќе биде опремен со најмодерно озвучување и осветлување. „Горила продуција“ ветува голем спектакл, иако тоа е збор што Игор не го сака баш многу, затоа што, како што вели, многу најавувани „спектакли“ кај нас завршуваат како обични селски приредби. Игор ветува само едно – Љубов. Многу љубов од сцената кон публиката и обратно.
Концертот во режија на Бојан Трифуновски ќе трае околу три часа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.