| четврток, 6 декември 2018 |

Месо има за пазарот, нема за преработувачите

mesoСтопанската комора на Македонија посочи дека месните капацитети во државата ги задоволуваат потребите на домашниот пазар за свежо месо, а недостиг има за преработките што се надополнува со увоз од околу 90% говедско и 50% свинско месо.

Зголемување на увозот има кај свинското и живиното месо, а благо намалување кај говедското месо.

-Сточарското производство, кое е базата на месната индустрија, за жал, не бележи позитивни резултати во изминатата деценија. Според статистичките податоци, бројот на говедата е на исто ниво, односно околу 250.000 во изминатите 10-тина години со благи отстапувања, а има драстично намалување во овчарството каде во 2000 година имаше еден милион и триста, а сега едвај 600.000 овци. Намалување има и кај свињарството од 250 милијарди во 2000 година, до 176.000 свињи сега. Намалување има и кај живинарството- истакна Васко Ристовски. Минатата година во делот на производството на месо произведени се 23.124 тони месо што е намалување во споредба со 2009 година.

-Според нашите анализи, целосно е задоволена понудата на свежо месо за потрошувачката на населението, меѓутоа за потребите на месната индустрија имаме недостиг. Тој недостиг се увезува согласно дадените дозволи од Агенцијата за ветеринарство- рече Стојмирка Тасева.

Од Комората сметаат дека новиот правилник за квалитетот на меленото месо, подготовките од месо и производи од месо нема да претставува финансиско оптоварување ниту за компаниите, ниту за крајните потрошувачи.

Во Македонија работат над 30 капацитети за преработка кои ги исполнуваат високи стандарди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top