Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски одговори на изјавата на грчкиот министер Евангелос Венизелос, според кого единствено решение за спорот за името мора да биде ерга омнес, односно Македонија да прифати ново име за сите употреби.
– Мислам дека најзначајно во овој момент е пред да се даваат такви изјави и размислувања, да се погледне рамката на Обединетите нации во која се решава овој спор и да се погледне мислењето на најнадлежен орган, Меѓународниот суд на правдата, кој јасно дефинира што може, a што не може, некој од надвор да го регулира. Пред се треба да запомниме дека се работи за две демократски земји кои се залагаат за владеење на правото и почитување на меѓународните норми. Доколку тоа е вистина, мислам дека многу полесно би ги надминале овие прашања, изјави министерот Попоски, пренесува МИА.
Претходно, Венизелос не сакаше да одговори на прашањето на МИА за неговата вчерашна изјава, во која ги повтори грчките црвени линии во спорот за името и не остави простор за разговор.
Мартин Несирки, портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, во својот пладневен брифинг, информираше дека за неколку недели може да се очекува нова средба на посредниците во разговорите за спорот. Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис ќе се сретнат во Њујорк, на покана на амбасадорот Метју Нимиц, на средба за која, како што изјави Несирки, генералниот секретар Бан се надева дека ќе доведе до приближување на ставовите.
Македонската делегација на Генералното собрание на Обединетите нации денеска започна со повеќе билатерални и мултилатерални средби. Шефот на делегацијата, претседателот на Владата Никола Груевски ќе присуствува на свечениот прием во организација на претседателот на САД Барак Обама.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски досега оствари средби со генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер, министерот за надворешни работи на Нов Зеланд Мареј Меккали, а се обрати и на министерскиот состанок на Организацијата на Франкофонијата и на високата средба посветена на Милениумските развојни цели.
– Ова е добра можност да оствариме средби со сите земји од нашето соседство, со земји со кои не можеме често да се среќаваме, да направиме добра комбинација на разговори во доменот на Обединетите нации, но и во доменот на билатералните односи со поголем број земји. Се разбира дека добар дел од активностите е насочен кон презентирање на нашата кандидатура за членство во Советот на човекови права на Обединетите нации. Се надеваме дека во тоа ќе бидеме успешни и во следните три години ќе можеме да придонесе за промовирање на човековите права на глобално ниво, изјави министерот Попоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст