
Проценето е дека секоја година повеќе од 40 милиони тони пченка никогаш не стигнуваат на пазарот поради оштетеност од инсекти, што е еднакво на целото производство на пченка во Бразил. Изразено во долари, само во Северна Америка штетата изнесува повеќе од една милијарда годишно.
Со големите климатски промени, генетското инженерство се наметнува како добар избор за брзо создавање отпорни растенија. Со вкрстување, овој процес трае долго, од 40 до 70 години. Сепак, човештвото со голема резерва треба да ја прифаќа генетски модификуваната храна поради ризиците по здравјето и врз животната средина.
Од Агенцијата за храна велат дека законското решение што се однесува до генетски модификуваната храна и до храна за животни во Македонија е донесено уште во 2008 година, а сега се само вметнати стандардите во Правилникот, односно се усогласени со европските. Законот вели дека доколку некој производ содржи ГМО повеќе од 0,9 проценти од вкупната маса, би требало да се соодветно декларирани.
-Агенцијата е таа што доколку некој сака да внесе храна за животни или производ што би се нашол во промет, треба да даде одобрение. До сега таква дозвола не сме издале, ниту, пак, некој побарал. Односно, во контекст на одговорот, до сега сета храна е „ГМО- ФРИ“, односно не е генетски модификувана – вели директорот на Агенцијата за храна, Дејан Рунтевски.
Самото вадење на сите дозволи за внесување на ГМ храна или производ, според правилникот, би било долготрајна и скапа постапка. Можеби тоа е причината што никој досега и не побарал. А, секако, тоа е причината и зошто сѐ уште нема мостри од ГМ храна во Агенцијата. На Факултетот за земјоделски науки и за храна во Скопје има лабораторија за проверка. Ги чека акредитациите, но стручноста на професорскиот кадар е неспорна.
И БЕЗКОФЕИНСКО КАФЕ Е ГМ ХРАНА
– Генетски модификуваните организми (ГМО) се организми во кои со генетски инженеринг е внесен ген од друг организам. Оваа техника овозможува прекројување на наследниот генетски материјал (ДНК) – објаснува проф. д-р Соња Ивановска од катедрата за генетика и за селекција. Таа додава дека веќе половина век интензивно се работи со генетски модификации, а комерцијалниот ефект е најзастапен кај одредени лекови и земјоделски култури.
– Голем број скапи лекови се добиваат од ретки растенија. Ако генот што го создава лекот се пренесе во други растенија, кои се пораспространети, лекот ќе поевтини. Од земјоделските култури во последниве 20 години најзастапени се пченката, сојата, маслодајната репка, памукот и шеќерната репка. Најчесто им е внесен ген за отпорност кон хербициди или кон болести. Во однос на квалитетот, во овој случај не се добива ништо поинакво од типично произведената храна. Но, од самиот почеток генетски модификуваните производи, особено храната, ги следат различни контроверзии за нивните добри и лоши страни, особено ако се има предвид дека тие организми никогаш не би настанале по природен пат – додава таа.
ГМ растенија има насекаде околу нас, за некои, можеби, и не сме биле свесни. На пример, кафе без кофеин, тутун без никотин, растенија што создаваат биоразградлива пластика или, пак, цвеќе со различни бои, кои во природата ги нема, како сини рози или бавнорастечка трева, отпорна на газење. Така, велат стручњаците, јавноста прифаќа одредени ГМ производи. Ивановска смета дека никогаш, на пример, на јавноста не ѝ пречеле два ГМ производа: инсулинот, претходно произведуван од заклани свињи, и хормонот за растење – соматотропинот, добиван од мозок на мртви луѓе, кои од 80-тите години на минатиот век се произведуваат со помош на ГМ бактерии.
„Смарт стакс” на „Монсанто“
Најголем дел на семето за генетски модификувани организми во светот е во сопственост на американската корпорација „Монсанто“. Најактуелна е веста за ризичната генетски модификувана пченка „смарт стакс“ на „Монсанто“, чиешто одгледување ЕУ ќе го одобри кон крајот на октомври. Критичарите на ГМО го критикуваат европскиот авторитет за безбедноста на храната поради сериозни пропусти во сигурноста на таа сорта. Велат дека екстремно контроверзната одлука за одгледување ваква пченка покажува дека Европската комисија својата одлука ја донела под економскиот притисок, а не врз основа на научните истражувања.
Генетски модификуваната храна е забранета во околу 27 држави, а во 50 се бара храната да биде обележана. САД не припаѓаат во ниедна категорија. Сепак, под притисок на јавноста дел од меѓународните синџири на продавници за храна избегнуваат да нудат или рекламираат храна со ГМО, од страв да не ги загубат потрошувачите.
Досега најсилниот аргумент на противниците на ГМО беше користењето на микроорганизми за нивно добивање. Многу често генот што се внесува во културата се зема од бактерија, или при модификацијата се користат гени од бактерии за отпорност на антибиотици и тие остануваат составен дел од наследниот материјал на создадените ГМО. Јавноста беше загрижена дека со консумирање на ваква храна кај луѓето ќе се јави отпорност на тие антибиотици. Затоа компаниите почнаа да создаваат ГМО без такви гени.
-Јавноста е, исто така, загрижена поради можноста некои од продуктите на нововнесените гени да предизвикуваат алергии, што со многубројни експерименти до денес не е докажано -објаснува Ивановска.
Докажано или не, дел од населението почна да избегнува храна што може да содржи ГМО. На пример, слатките, каде што најчесто има соја или соино млеко. Меѓу нив е и Ана Поп-Христова, која го практикува тоа иако е свесна дека науката сѐ уште нема докази за штетноста на ГМО.
– Во меѓувреме, додека се истражува, решив колку што можам да избегнувам храна со ГМО. Многу повнимателно од претходно ги читам декларациите. Престанав да купувам соја, бидејќи 90 проценти од производството на соја во светот е од ГМО. Не купувам производи што содржат соино брашно, соја лецитин, а последнава состојка ја има во сите слатки, кекс, чоколада. Сега замена за благо ни е, на пример, домашен џем од непрскани модри сливи. Јас како потрошувач имам право да избирам како ќе се хранам, но имам право и да знам дали производителот навел точни податоци на декларацијата во однос на составот на производот. Затоа, сметам дека во овој дел мора да се воведат построги контроли – додава таа.

МАКЕДОНИЈА „ГМО-ФРИ“ ЗОНА
Ваква реклама, на пример, би била добра туристичка понуда за светската јавност, која е против ГМО. Така ќе ги понудиме вкусот на доматот јабучар, гравче-тавче, биено сирење, зелник под вршник, смета Александар Димковски, новинар по професија, а магистер по квалитет и безбедност на храна по образование. Тој е еден од тие што го артикулира ставот на јавноста против ГМО.
– Стравот и недовербата кај луѓето е резултат на незнаењето на ефектите од таа храна. На пример, се темели на неодамнешниот проблем со афлатоксините во млекото. Се потврди дека отровите во спакуваното млеко пристигнале токму преку исхраната, односно од влажна мувлосана сточна храна – објаснува тој.
Димковски ги нагласува проблемот со контролата, не би можело секој производ да се проверува поединечно.
– Проценето е дека со внесување на ГМО може да се наруши човечката ДНК. Може да предизвика тумори, канцери, алергии, стерилност и ред други промени во организмот. Неконтролираното расејување на генетски модификуваниот материјал може да ги уништи конвенционалните земјоделски култури. Бидејќи тоа се генетски промени, евентуалните последици врз луѓето нема да се почувствуваат веднаш, туку би се пренеле на следните генерации – додава Димковски.
Затоа смета дека, засега, најдобра заштита е воопшто да не се користи ГМО.
ИСКУСТВА И СТАТИСТИКИ
Противниците со сомнеж ги примаат научните негирања за ефектите на ГМО, а во нив ги препознаваат големите меѓународни корпорации, кои преку својата финансиска моќ влијаат врз донесувањето стандарди, а притоа занемарувајќи ги животот и иднината. Од другата страна се научниците, кои велат дека со ваквиот пристап, со модификување на гените, храната станува поиздржлива, „поздрава“, што е неопходно за да се прехрани светската популација, чиешто нараснување ги надминува природните можности за производство на храна.
„Пренесувањето“ на гените од ГМО на обичните култури е една од опасностите поради која се противат здруженијата за заштита на животната средина. На пример, поленот од ГМО пченка може да премине на соседното поле со обична пченка, да ја опраши и генетската модификација да се пренесе на нејзиното потомство. Овој проблем во земјите-производители обично е регулиран со строги прописи за оддалеченост на посевите.
Вкупниот процес околу ГМО, од нивното создавање, тестирање, одгледување, манипулација, трговија и продажба е регулиран со строги законски прописи, кои се во сила во многу земји. Производите треба да бидат означени како ГМО со што потрошувачите можат да изберат дали ќе ги користат. Во РМ сето ова е регулирано со Законот за ГМО.
Од друга страна, во одредени земји каде што е забрането одгледување на генетски модификувани култури за храна, тие може да се одгледуваат за добиточна храна.
До денес генетски модификации се вршени врз 57 земјоделски култури од кои во ЕУ се авторизирани само шест: пченка, соја, памук, маслодајна репка, шеќерна репка и компир. Другите се во фаза на признавање, додека постојат и такви за кои не се планира да бидат одобрени во блиска иднина. Во Европа мерките на внимателност се на највисоко ниво и затоа е многу тешко да се добие одобрување за некоја генетска модификација на земјоделска култура. Најголем дел од овие култури се одгледуваат во САД, Канада, Аргентина, Кина итн.

Пишува: Наум Стоилковски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


