Поранешниот чешки премиер Петр Нечас во саботата во тајност се ожени со својата советничка Јана Нагиова, жената поради која пред три месеци поднесе оставка на функцијата, поради нејзина вмешаност во корупциска афера и прислушување на неговата тогашна сопруга. Како што пренесоа дел од чешките медиуми, венчавката се одржала во замок близу до чешката метропола. Двојката ја обелодени врската кога Нагиова беше притворена под сомнеж за поткуп на поранешни пратеници и неовластено давање наредба за следење на тогашната сопруга на премиерот. Медиумите веќе неколку дена шпекулираат дека зад брзањето” на венчавката на поранешниот премиер стои и друга, подлабока причина. Имено, според чешкиот Закон за кривична постапка, сведокот има право да одбие да сведочи доколку со тоа на некој начин може да инкриминира негов роднина или брачен другар. Така Нечас и Нагиова нема да мораат да сведочат еден против друг. Нечас официјално од својата сопруга, со која беа во брак повеќе од 25 години и имаат 4 деца, се разведе на почетокот на август.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.