Оперативците на грчката тајна служба и на унгарската служба за разузнавање, кои аматерски дозволиле да бидат сликани и снимени од страна на притворените продавачи на информации, не пребирале многу. Барале и купувале секакви информации. Од анализи за борбена готовност на Армијата на Република Македонија до пресек на маршрутите по кои се движел премиерот Груевски до Владата на РМ. Според извори блиски на истрагата во случајот „Шпион“, информација за швалерка на познати бизнисмени или на политичари чинела илјадници евра, а докази за извртени сексуални склоности на опсервираните, кои најлесно се користат при уцени, достигнувале и до стотина илјади евра. Неофицијални информации тврдат дека најмалку еден од притворените бил хомосексуалец, кој во групата влегол поради паричен надомест, но, најверојатно, и поради страв и уцена дека јавноста и неговото семејство можат да бидат информирани за неговиот сексуален избор. Докази за проблематични деца, наркозависност, психички проблеми во семејството на потенцијалните цели, исто така, котирале високо на листата на доброплатени информации.
Збирката на видеоматеријали од сексуални чинови, која е пронајдени кај дел од осомничените, говори за систематичноста и за високата подготвеност на актерите во досега најголемата позната шпионска акција во Македонија.
Извори во истрагата тврдат дека во случајот „Шпион“ ништо не е оставено на случајот. Не постојат ни теоретски шанси тој да падне на суд. За тоа се виновни оперативците на МВР, кои 24 месеци прибирале докази, но, пред сѐ, првообвинетиот, кој бил толку систематичен што на неговата професионалност се чудат и неговите сега веќе поранешни колеги. Тој не само што запишувал со кого што разговарал. Туку правел и фотоалбуми и прецизни забелешки во кои не пропуштал да ја напише и сумата платена за кафе и за сок, се разбира, за да може подоцна да ја наплати од нарачателите како оперативен трошок
Од неговите белешки, се разбира, засега само неофицијално, може да се види дека во шпионската операција не се играло само со готовина туку и со други привилегии, кои досега можевме да ги гледаме само во филмови за Џемс Бонд. Викенди во изнајмена куќа на езерото Комо во близина на вилата на актерот Џорџ Клуни, скапи посети на бањи во Будимпешта во друштво на по две проститутки од висока класа и продолжени викенди во прескапиот комплекс на Халкидики „Сани Бич“ се само дел од работите за кои можат да сонуваат македонските тајни агенти. За дел од групата овие придобивки биле леснодостапни. Парите што биле исплаќани во готовина не биле доволни за нив и затоа барале екстра-услуги, кои ги добивале за да останат мотивирани во шпионирањето на сопствената земја.
Приватната архива подобра од Државниот архив
Истрагата за шпионската афера, практично, трае од моментот кога во акција поврзана со случајот „Ликвидација“, во кој со нарачано убиство беше убиен старец во Велешко, беше пронајдена архивата за случајот „Шпион“ . Од тогаш цели две години македонските полициски и судски структури, со употреба и на специјални истражни мерки, се обиделе да соберат неспорни докази за апсењето на групата. Всушност, теоретски, и без посебните мерки одобрени од судот, истрагата имала доволно докази, пред сѐ, поради речиси болната пасија на првообвинетиот, кој во својот дом чувал архива каква што немаат ниту државните институции. Во документите пронајдени кај него полициските истражувачи ја откриле целата мрежа и принципите врз основа на кои функционирала. Покрај доверливите документи што биле на продажба, во архивата имало и фотографии и видеоматеријали од сите тајни агенти на странските земји што купувале информации, но имало и посебни белешки за сите контакти и средби. Темелноста на поранешниот разузнавач на полицијата спасила повеќемесечна макотрпна работа на десетици луѓе. Во архивата биле пронајдени и посебни папки со профили, психоанализи на можни цели за уцена. Во нив биле темелно и прецизно анализирани сите квалитети и слабости на луѓето што требало да платат суми од кои најниските се 100.000 евра. Искусните разузнавачи, користејќи ги вештините научени од државната служба, се обидувале да откријат како одредени фобии, брачни односи, семејни врски, дури и сексуални склоности можат да бидат искористени како предмет на уцена. Сето тоа било заведено во архивата, која била направена по високи стандарди. Дали во креирањето на оваа архива имал улога и еден од осомничените што работел во Државниот архив од каде што, исто така, биле користени документи за уцена на богати граѓани, засега не се открива.
Атина и Будимпешта со различни мотиви
Поранешни полициски аналитичари, кои не сакаат јавно да ги коментираат сѐ уште неофицијалните информации, велат дека треба да се прави разлика во причините за инволвираност на грчката тајна служба (КИП) од Информативната канцеларија (ИХ), како што се нарекува унгарската тајна служба.
Оперативците на грчката служба, кај нас активни уште од југословенско време, пред сѐ, се интересираат за политички и за безбедносни информации иако на крајот на последната деценија на 20 век токму овие луѓе, по налог на политичките центри во Атина, правеа анализи дали вреди грчките компании да инвестираат во македонската економија. Нивниот главен интерес е препознавање на потенцијални слабости кај активни политичари, партии или влијателни креатори на јавно мислење, кои можат да бидат искористени за свои цели. Дел од соговорниците на „Република“ се уверени дека во неколку наврати Грција имала навреме обезбедено информации за криза во владејачките коалиции или за можност за предвремени избори, кои биле искористени од грчка страна. Познатиот настап на преговарачот Василакис, кој пред неколку години даде шокантен предлог со осум точки, кој го налути дури и посредникот Нимиц, а во кој целосно се негираше македонскиот идентитет, се смета за можна последица на информации што ги добила Атина од својата мрежа во Македонија. Грчките оперативци од групата најмногу барале анализи и информации поврзани за слабости на влијателни играчи на политичката сцена, дали се подложни на корупција, каква е нивната финансиска состојба, дали имаат тајни фетиши, но, пред сѐ, барале луѓе што можат да креираат нагли промени во стабилноста на земјата. Информации за радикали од секој вид, кои имале лични, психолошки или финансиски проблеми, биле најпосакувани за службите, кои, според дел од безбедносните аналитичари, во неколку наврати, со финансиски инјекции, се злоупотребени од овие служби. Тие велат дека засега нема конкретни докази за тоа, но воопшто нема да биде изненадување доколку во натамошната истрага на „Шпион“ се покаже дека и дел од тепачките низ Скопје, па и дел од протестите организирани во главниот град, се иницирани со пари што доаѓале од странски служби. Посебна тема за анализа во овој контекст е случајот „Слупчане“, кој стана причина за сериозна криза ланското лето. Иако во неколку наврати претходно министри на ДУИ се поклонуваа на гробот на загинатите членови на УЧК, тоа стана случај откако неколку медиуми објавија дека се случило тоа. Кој го поттурнал објавувањето и гласноста на настанот, кој е сличен на многу други, е прашање што допрва ќе треба да се одговори.
Разликата меѓу грчката и унгарската служба е во тоа што втората нема никакви посебни емотивни интереси во Македонија. По купувањето на Телеком во 2001 година престанала и „економската шпионажа“ на Будимпешта, по што унгарската мрежа во Македонија почнала да работи на претежно комерцијална основа, односно да прибира информации, кои подоцна би ги продавала или разменила со други служби. Такви информации Унгарците користеле во Србија или во Романија каде што живее значително унгарско малцинство, а каде што, поради блиските и соседски односи, унгарските агенти имаат многу потешка задача. За ова земја е отворена уште една опција, да прибирале информации за друга поголема европска сила, која не сака отворено да работи во Македонија. Исто како што во европските земји се знае дека холандските оперативци многу често работат во блиски релации со британските служби, некои тврдат дека таков е случајот и со Македонија. Унгарците имаат многу блиски односи со Германците во тој контекст. Се разбира, овие релации никогаш нема да бидат јавно потврдени.
Држава во држава
Групата од случајот „Шпион“, веројатно, во иднина ќе се изучува и на Факултетот за безбедност. Како пример како треба да работат македонските безбедносни структури во странство, ако воопшто има такви. Имено, групата функционирала како врвните светски агенции, а притоа била опремена со модерна опрема. Доколку се потврди дека меѓу другите технолошки направи што се достапни само на овластените структури, групата имала и таканаречен детектор на прислушни уреди, односно скенер преку кој можеле да се следат официјални комуникации, а притоа биле користени и сателитски телефони, тогаш е јасно дека Македонија во последниве неколку години се соочувала со огромна опасност од дестабилизација, особено ако се земе предвид дека кај осомничените се пронајдени повеќе од четири килограми пластичен експлозив. Ако на тоа се додаде дека членовите на групата следеле, фотографирале и вршеле видеонадзор и следење, станува јасно дека со апсењето на групата, доколку сите овие наводи се потврдат на суд, во што никој не се сомнева, Македонија елиминирала сериозна група, која можела да предизвика долгорочна штета и нестабилност.
До каде се протега „Шпион“
МВР досега не откри колку македонски или странски граѓани биле „чешлани“ во последниве 24 месеци, колку што траеле активностите на безбедносните структури. Според искуството од претходни слични случаи, кои ни малку не се блиски по обем на „Шпион“, изворите на „Република“ тврдат дека најмалку стотина лица го поминале филтерот на службите. Досега има 20 кривични пријави, но никој со сигурност не може да каже уште колку имиња ќе излезат на виделина по истрагата и анализата на информациите прибрани по претресите и одземените материјали кај осомничените. Има ли вистина дека меѓу луѓето што се појавуваат во списите е и еден опозициски политичар, припадници на безбедносни сили, бизнисмени и новинари, ќе се знае најдоцна до октомври, кога се очекува да дојдат првичните резултати од анализата на обемниот материјал. Тоа што се знае со сигурност, тврдат изворите на „Република“, е дека штетата врз безбедносниот систем нема да биде голема. Поставеноста на институциите и поставените протоколи не дозволува да биде откриен идентитетот на македонските оперативци, кои, на пример, се активни во регионот.
Шефот на групата бил двапати бркан од работа
Првоосомничениот поранешен државен службеник од Агенцијата за разузнавање бил избркан од работа откако неговите шефови кон крајот на минатата деценија откриле дека ја напуштил Македонија без да пријави дека патува во странство, што е задолжително според законот за Агенцијата за разузнавање. Тој потоа ја тужел агенцијата, по што судот донел одлука дека патувањето во Грција (или која било друга земја) без дозвола од претпоставените не е доволна причина за отказ, по што бил вратен на работа, по што поднел и оштетно побарување. Откако од истата причина повторно добил отказ, судот лани пресудил дека Агенцијата нема обврска да го врати на работа.
Пишува: Екипа Република
(Текст објавен во 55. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст