| четврток, 6 декември 2018 |

Металците го згазија Металац

МЗТ Скопје го демолираше српскиот прволигаш Металац со убедливи 104-80

mzt-skopje-630x378

МЗТ имаа проблеми да ги запрат налетите на противникот во првото полувреме, но откако во вториот дел заиграа далеку подобра одбрана, стигнаа и до огромна предност што им овозможи пласман во финалето од овој турнир, каде утре ќе се сретнат со Раднички Крагујевац.
Влада Вукоичиќ на овој натпревар ги имаше на располагање сите кошаркари со исклучок на повредените Кире Николовски и Ѓорѓи Чековски, но почетокот на мечот сепак мина во знакот на гостинскиот состав. Металац рано стигна до предност од 5-14, а потоа ја задржуваше позитивата во текот на првото полувреме, кое заврши со предност на српскиот тим од 51-53.

Сепак, во вториот дел можеше да се забележи дека македонскиот шампион заигра многу поквалитетно, поангажирано, и тоа експресно се одрази врз резултатот. Тодор Гечевски беше во главна улога предводејќи го пресвртот и обезбедувајќи убедлива предност за својот тим, по што искусниот центар немаше потреба во последниот период воопшто да влегува во игра.

Вукоичиќ ја искористи позитивата за да им даде шанса на своите помлади кошаркари, кои целосно ја оправдаа неговата доверба и ја зголемија предноста, која на крајот изнесуваше преголеми 24 поени разлика (104-80).

Гечевски беше најефикасен поединец на натпреварот со 22 поени, Костовски беше стрелец на 12, а Синовец на 11 поени за македонскиот шампион. Вреди да се истакне и одличното издание на Дамјан Стојановски, кој настапи на 19 минути од оваа средба и реализираше девет поени, но имаше и пет асистенции до соиграчите.

Во првиот полуфинален меч Раднички Крагујевац го совлада бугарскиот шампион Лукоил академик со минимални 77-75.

Извор: екипа.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top