Енормно висока е загаденоста на воздухот во Пекинг и северна Кина и поради тоа властите донесоа одлука времено да затворат повеќе од сто фабрики. Поради густата магла од смог, вторпат за две недели беа откажани авионски летови. Градските власти алармираат населението да остане дома. Пекинг е многу загаден, а според мерењата видливоста во градот била намалена на 200 метри. Маските за дишење повторно се во мода во Пекинг, особено кај пешаците и велосипедистите. Властите предупредуваат дека загадувањето е сериозно.
Американската Амбасада, која го мери нивото на ситни честички во воздухот, така наречени ПМ2,5, измери загадување од 526 микрограми на кубен метар што е над скалата на нормалниот индекс на мерење и повеќе од 20 пати од дозволената загаденост според препораките на Светската здравствена организација.
Во некои делови од североисточна на Кина видливоста е помала од сто метри. „Ер чајна“ откажа 14 домашни летови од Пекинг, а аеродромот во источниот град Чингдау е затворен и сите летови се откажани. На аеродромот „Џенгџоу“ во провинцијата Хенан се откажани 109 летови, а маглата ќе трае до четврток.
Смогот овој пат освен здравствени проблеми предизвика и главоболки кај патниците, бидејќи во Кина ова е прва недела на почетокот на транспортниот хаос и на патувањата на луѓето од едниот до другиот крај на земјата за да бидат со своите семејства за кинеската Нова година на 10 февруари. Традиционално периодот пред и по Лунарната нова година претставува најголема миграција на населението во светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.