Демократската партија на Албанија, преку нејзиниот пратеник Алдо Бумчи, реагираше на изјавата на премиерот Рама при неговата денешна средба со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, оценувајќи ја како опасна и штетна за добрососедството, пренесува Алсат – М.
– Прво, Рама не го спомна на специфичен начин Охридскиот договор, кој стави крај на конфликтот во Македонија. Тоа е најважен документ, основа врз која треба да се развиваат меѓуетничките односи. Охридскиот договор секогаш бил клучен збор на сите албански дипломати, вклучен е во секој извештај на Европската унија и е услов за напредокот на Македонија кон Европа. Второ, во изјавата без преседан, Рама стави знак на равенство меѓу македонското малцинство во Албанија и Албанците во Македонија. Во прв ред, ова е дипломатско дивеење. Не може да се постави знак на равенство меѓу македонското малцинство тука и Албанците во Македонија, кои сочинуваат над 25 отсто од населението. Второ, Рама изјави дека ние немаме право да бараме права за Албанците во Македонија се додека не ги исполниме правата на македонското малцинство тука. Рама треба да им објасни на Албанците каква е таа нова политика што тој се стреми да ја следи, која ги уништува темелите на кои е заснована нашата надворешна политика – изјави пратеникот Алдо Бумчи од Демократската партија на поранешниот премиер Сали Бериша.
– Ние бевме и остануваме загрижени за имплементацијата на механизмите договорени со меѓународните партнери за добар соживот на Македонците и Албанците во Македонија. Исто така, и претседателот ја изрази неговата загриженост и побара да се покаже поголемо внимание за македонското малцинство во Албанија. Јас оваа порака ја примив не само како обврска на Владата да се грижи за сите малцинства, туку и поради фактот дека ние не можеме да бараме од другите нешто што самите не можеме да го исполниме за другите – рече денеска албанскиот премиер Еди Рама.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.