| четврток, 6 декември 2018 |

Археолозите ги проверуваат Љубаништа за комплексот на Субрата Рој

lubanista subrata roj

Археолошките истражувања во охридското село Љубаништа каде што индискиот милијардер Субрата Рој планира да гради суперлуксузен комплекс се очекува да започнат наскоро, откако националната установа Завод и музеј од Охрид ќе ги добие потребните финансиски средства и ќе ја обезбеди неопходната документација, јави Нова Македонија.

– Нашите истражувачки активности во Љубаништа се уште не се започнати. Во секој момент очекуваме да ни пристигне писмо од Министерството за култура дека ни се одобрени потребните средства. Потоа ќе побараме дозвола за ископување од страна на Управата за заштита на културното наследство, а дури потоа ќе започнеме со истражувачките активности, вели директорката на охридскиот Завод и музеј Тања Паскали-Бунташеска.

Како што информира таа, во меѓувреме, се подготвуваше теренот за неопходните активности што ќе следуваат.

– Го исчистивме теренот од коров, поставивме мрежи, и отпочнуваме во оној момент кога ќе ја имаме потребната документација, додава Паскали Бунташеска.

Од охридската локална самоуправа велат дека нема да дојде до одложување на проектот на Рој и оти се разгледуваат сите аспекти околу индиските инвестиции.

– Состаноците се одржуваат редовно. Координативната група формирана во Владата континуирано ги разгледува сите аспекти околу инвестициите на Субрата Рој. Не верувам дека проектот ќе биде одложен, туку напротив, се одвива согласно предвидената динамика, смета секретарот Димитар Спасески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top